Битиќи: Сите административци ќе добијат линеарно зголемување колку што е покачувањето на минималната плата

од Nikola Popovski
260 прегледи

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, гостуваше во дебатната емисија „Клан Дебата” на Тв Клан, каде одговараше на актуелните теми од економијата.

Вицепремиерот Битиќи се осврна на последната одлука за зголемувањето на минималната плата на 20.175 денари за која рече дека за прв пат во Економско социјалниот совет немаше преговори и уцени, бидејќи решението произлегува од новата методологија што ја донесовме минатата година за зголемување на минималната плата на годишно ниво.

„Во јавниот сектор Владата ќе одлучува што ќе се прави со другите плати. Сите административни службеници, 27 илјади, ќе добијат линеарно зголемување колку што е покачувањето на минималната плата. Тука спаѓаат вработените во секторот за Социјални услуги, како и работниците во секторот Култура, кои се околу три илјади. Сите други сектори кои не ги усогласија законите за плата, во наредниот период ќе треба да усогласат одредени закони. Затоа ги повикавме синдикатите на состанок следната недела за колективниот договор во јавниот сектор, додека во приватниот, оваа останува на работодавците да го направат”.

Вицепремиерот Битиќи, поканет на „Клан Дебата”, зборуваше и за мерките што Владата ги презема за справување со економската криза. Според него, од оваа недела ќе стапат на сила и други мерки, освен таа за замрзнување на цената на лебот како резултат на неетичкото однесување на економските оператори.

„Во октомври минатата година, по дискусија со производителите на храна, донесовме мерка за субвенционирањето на струјата што ќе спречи поскапување, но овој договор не беше испочитуван.

Затоа сега ја имаме мерката за замрзнување на цените која ќе важи и во периодот кога компаниите нема да користат субвенционирана струја. До стабилизирање на цената на производите на пазарот ќе продолжиме со мерката замрзнување на цените бидејќи е крајно време секој учесник во општествениот живот да се однесува морално”, изјави Битиќи кој информираше дека од 16 март на сила ќе стапи замрзнувањето на цените на млечните производи и тестенините , но и дека се прават анализи за евентуално замрзнување на цените и на дел од други основни прехранбени производи.

Во истоимената дебатна емисија на Тв Клан, Вицепремиерот Битиќи говореше и за изградбата на коридорите 8 и 10д и придобивките од истите, за увозот на работна сила, за уставните измени, и за „One-stop shop” и на границата со Албанија, за која рече ќе биде готова ова лето.

Слични содржини