БИТКАТА продолжува: Маск поднесе контра-тужба против Twitter

од Vladimir Zorba
259 прегледи

Правната битка меѓу Елон Маск и Twitter ескалира со противтужба поднесена од милијардерот против социјалната мрежа.

Документот на 164 страници е доставен до судот, но не е јавно достапен. Медиумите, пак, наведуваат дека според правилата на судот, редактираниот текст на тужбата наскоро би можел да излезе во јавноста.

Овој потег дојде само неколку часа откако Кетлин Мекормик од Окружниот суд во Делавер нареди судењето за тужбата на Twitter да започне на 17 октомври. Ова судење треба да одлучи дали Маск може воопшто да се откаже од договорот постигнат со Twitter, за купување на акции на таа социјална мрежа.

Во петокот, акционерот на Twitter, Луиџи Криспо, кој поседува 5.500 акции, го тужеше Маск и побара од судот да му наложи на милијардерот да го затвори купувањето, да утврди дека ги прекршил своите доверителски должности и да им плати на акционерите за штетата што им ја нанел.

Имено, Маск има доверителска должност кон акционерите на Twitter бидејќи поседува 9,6 отсто од компанијата и затоа што договорот за преземање му дава право на вето на многу одлуки.

Најбогатиот човек на планетата и извршен директор на Tesla на 8 јули изјави дека се откажува од преземањето на Twitter и ја обвини компанијата за прекршување на договорот со тоа што не дава точни податоци за бројот на лажни профили на таа платформа.

Неколку дена подоцна, следеше тужба од Twitter, кој тврди дека приказната за лажните сметки го одвлекува вниманието и дека Маск треба да спроведе аквизиција која чини 54,20 долари по акција. Во петокот, инаку, една акција чинеше 41,61 долари, што е највисока сума откако Маск се откажа од договорот.

Маск го обвини Twitter оваа недела дека бавно одговара на неговите барања за обелоденување, додека Twitter вели дека бара огромни количини на податоци кои се ирелевантни за главното прашање во случајот: „дали Маск го прекршил договорот за преземање акции“.

Twitter, инаку, објави дека неговите приходи во вториот квартал изнесувале 1,18 милијарди долари, што е за околу пет отсто помалку во однос на претходниот квартал.

Слични содржини