Повеќето од нас ги знаат петте фази на оплакувањето во поп-психологијата: негирање, гнев, ценкање, депресија и конечно прифаќање. Многумина граѓани во моментов се наоѓаат во почетниот дел од овој процес како резултат на победата на Стевчо Јакимовски во Карпош на локалните избори.
Ова е сосема нормално. Во неговиот претходен мандат, Стевчо ги постави темелите на сега веќе длабоко воспоставените шеми на градежното беснило, преку умешно посредување меѓу интересите на урбаната мафија, потрагата по место за домување на поединци и експлоатацијата на бирократската природа на законот. Како жители на оваа населба, град и држава, имаме легитимно право да бидеме шокирани и испаничени од враќањето на градоначалникот на местото на злосторот.
Тоа што не смее да се случи е оплакувањето да ја достигне фазата на прифаќање. Тоа што мора да се случи е ставање на корумпираните тенденции на старо-новата администрација под контрола. Не е прашање на дали, туку кога тие повторно ќе избијат на површина. Ако дозволиме градоначалникот да го доврши проектот што почна пред години,Карпош ќе стане место во кое нема да може повеќе да се живее.
Индикациите дека Стевчо ќе продолжи во неговиот препознатлив стил се веќе тука. Првата најава беше фамозната постизборна прослава проследена со вулгарно караоке. Но граѓаните немаат проблем со пеењето на Стевчо. Имаат проблем кога неговата дрскост ќе премине во самоволие што упаѓа во нивната егзистенција. Неодамна се случи токму ова, во случај кој не доби никакво медиумско покривање, но е доволна причина за мобилизација против градоначалникот.
Имено, група млади архитекти и дизајнери од здружението Мелеем конструираа симпатична дрвена конструкција во дворот на училиштето Петар Поп Арсов, со цел естетски да го збогатат просторот и да им дадат на најмладите услови за креативна забава. Иако оваа приказна тука би требало успешно да заврши, за спротивното се погрижи Стевчо, со неговиот вечен комплекс да биде врховен арбитер на јавното добро.
Како идеална комбинација на малограѓански аналфабет и авторитарен нарцисоид, на Стевчо му бил потребен еден поглед на уметничката инсталација за да заклучи дека тоа треба веднаш да се урива, од “безбедносни” причини. Не е битно што архитектите вложиле месеци труд да го дизајнираат и изградат, не е битно што училишниот одбор го одобрил, не е битно ниту што Европската Унија доделила средства за да се изгради.
Она што е единствено битно е дека проектот бил направен под претходната власт, и тоа е сосема доволно да проработи злобниот реваншизам на Стевчо. Ова е неговиот типичен пристап – носење одлуки на своја рака, без никаква дебата и транспарентност, алфа простотилак и сето тоа зачинето со патолошка потреба за пресметка со противниците.
Тука лежи генезата на бетонизацијата и фавелизацијата на Карпош, кој во претходниот мандат го изгуби својот лик, а во овој е под закана да ја изгуби и основната функционалност како урбана населба. Волкот го менува рувото, но не и карактерот, а падот на конструкцијата на младите архитекти е предзнак и предупредување за иднината на општината.
Враќањето на Стевчо не е гром од ведро небо. Неговиот претходник беше архетип за политичар од кариера, анемичен послушник кој не понуди никаква суштински различна визија, ниту вложи посериозен напор да ги реши наследените проблеми.
Тогаш, зошто да имаме Стевчо лајт, кога можеме да го имаме оригиналот, во сиот негов деспотски сјај?
Најпосле, градоначалникот е човек од акција, кој владее со цврста рака и е секогаш посветен на својата работа, освен кога е на суд. Но тука е и најголемата шанса која ја имаме. За Стевчо ова не е прв пат на градоначалничката функција. Веќе го знаеме – како што вели шегата, на сите ни е комшија. Секој нов монструм од зграда во Карпош е потсетување за неговото безобразие, бескрупулозност и корумпираност. Знаеме дека неговата омраза кон СДСМ нема да го натера да ги спречи новите ДУП-ови кои неговите претходници му ги спремија на Карпош,со кои ќе изникнат уште 40-тина згради насекаде низ општината.
Напротив, ќе се обиде максимално да профитира од новонастанатата ситуација.Меѓутоа сега е различно, затоа што сме спремни на сите негови комбинации. Во Советот се наоѓаат луѓе кои со години водат борба против урбаната декаденција чиј идеолог е Стевчо, и тие будно ја следат ситуацијата.
Кога ќе дојде време, тие мораат да ги искористат сите канали за да алармираат граѓаните за претстојните потези на градоначалникот, и да инспирираат отпор, преку институционални опструкции, трибини, протести, блокади, окупации, герила акции и секакви други средства.
А ако судиме по вандализмот врз инсталацијата на Мелеем, моментот да се реагира можеби е веќе дојден. Волкот не го менува карактерот, но ако успее и втор пат да не фати на препад, тогаш веројатно и ја заслужуваме депресијата и прифаќањето како последни фази на процесот на оплакување на сопствената судбина. Ако сме научиле нешто од Стевчо, тогаш мораме да бидеме посилни од неа.
Проф. Иво Босилков
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.