Битката за Сталинград е почната

од Nikola Popovski
886 прегледи

Некаде помеѓу пожарите по билото на Скопска Црна Гора, кои не зафатија на почетокот од месец јули и наметнатата „дебата“ од страна на премиерот за воведување на Закон за немажени и неженити граѓани, пропадна во понорот на неподносливата леснотија на македонското секојдневно политичко живеење „жешката летна дебата“, околу употребата на македонскиот јазик и идентитет во годишниот извештај на Европската комисија. Фатија пожарите, како и секоја тема, дебата се префрли таму. Нормално. Секој ден, нова лента на македонскиот политички  филм. Нејсе.

СДСМ оди на пат во неповрат?!

Злобниците , веќе подолго време, велат дека  поранешниот премиер и лидер на СДСМ ,, шеикот од Дубаи“, е во (не)формална коалиција  со  актуелниот  премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тој кој  што ќе ја направеше  Македонија горда и твоја/своја. Актуелниот лидер на СДСМ, е само измеќар/подизведувач на  претходно  договорените дилови помеѓу струмичките побратими , опишани во предизборната  и подземна коалиција меѓу ДПМНЕ и СДСМ во Вила Парк или Шалом сеедно! Социјалдемократскиот сојуз одамна, ама  сега веќе на очиглед на јавноста, е приватна фирма ,  една  од многуте на „кланот Заеви“, па така секоја политика , секое кадровско решение се носи со изим и амин од сопствениците и газдите на СДСМ. Навистина жално,за оваа некогаш т.н „државотворна партија“. Одамна си го фатила патот кон БСП-изација ( не ПАСОК-изација ), како што многумина аналитичари, медиуми, па и политичката јавност, го користи терминот, да ја опише политичката пропаст на СДСМ. Сепак ПАСОК, се врати на втората позиција на политичката мапа во соседна Грција, додека БСП е петта и владејачки партнер на ГЕРБ во соседна Бугарија, некогашниот главен нејзин  архинепријател. По бројот на освоени градоначалнички места, СДСМ, навистина може да биде петта партија после локалните избори во октомври, наесен оваа година. Доказ за тоа е УДБА-шката  елиминација на актуелниот градоначалник на Општина Струмица Костадин  Костадинов од идна градоначалничка  трка во „операција“ во која беа вклучени во прв ред еден добропознат поранешен телевизиски  водител и директор  на  најпознатата  македонска  телевизија,  господарот на СДСМ со неговиот измеќар, веројатно по претходен  договор на највисоко ниво со владејачката партија, за конечно Општина Струмица, после дводецениско владеење на социјалдемократите ( читај пак добропознатиот „клан“), да биде свесно препуштена во рацете на ВМРО-ДПМНЕ , за задоволување на нивните бизнис-олигархиски интереси. Еден мој поранешен колега од факултетските денови од Струмица,  секои локални избори, изборната трка за победа во Општина Струмица, лукаво и хумористично ја најавуваше како  „битката за Сталинград“, алудирајќи на најпознатата битка од Втората  светска  војна. Овој пат Сталинград „падна“, без битка, со претходно развеано  бело знаме. Или кој знае, можеби, паднал дилот и договорот македонскиот „Сталинград“, да биде поделен на сфери на интерес: „пола на Хитлер , пола на Сталин“.

Герасимовски ќе ја спасува честа на СДСМ

Интересно,  во  целиот  колаборационистички  мрак и полека  но сигурно, целосната  маргинализација на СДСМ на македонската политичка мапа, веројатно единствен вистински и правилен избор е повторната номинација на градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски,  за повторен мандат за градоначалник на веројатно најатрактивната Општина во државата. Сигурно внатрепартиските анкети  покажале дека Герасимовски, не само кај членството, но и меѓу граѓанството котира(л) највисоко, односно граѓаните биле апсолутно задоволни од неговиот досегашен мандат, и затоа ја доби довербата на партиската  централа  за  да „трча“ за  втор мандат. И вистина, Горан не само што немаше ниту еден корупциски скандал или афера зад себе, туку тој остави впечаток, дека Општината ја води надпартиски што би се рекло, односно ги инкорпорира  сите потреби и интереси на граѓаните од секоја партиска, етничка, религиска  или било која друга припадност. Како што и навистина треба да биде. Да, вие  во демократските општества, секогаш сте кандидат на сите избори од различна  партија, но кога ќе бидете избран функционер, вие мора да бидете градоначалник/министер/пратеник/премиер на сите граѓани. Што за жал е реткост не само во Македонија, туку и насекаде на Балканот. Во овој случај Горан ги  крши  тие табуа, преку  Советот на Општината, каде што се инкорпорирани барањата на сите советнички групи,а со тоа и на сите граѓани преку нивните легитимни претставници. Затоа, сметам дека на овие избори, наместо Струмица, токму  Центар ќе биде „битката за Сталинград“, во која честа за победа и  за одбрана на чесните и вистински социјалдемократски  членови ќе ја има токму Герасимовски. Доказ колку е важно за власта „Центар да падне“ се шпекулациите дека прокси кандидат на ДПМНЕ во Центар ќе биде кандидат од нивниот коалициски партнер ЗНАМ, партија формирана од отцепени и незадоволни поранешни социјалдемократи во суштина тешки клиентилисти без грам морал и идеологија. Граѓаните на Општина Центар ќе  бидат исправени пред одлуката дали да поддржат прав социјалдемократ или „снесено кукавичко јајце“ од кумановското гнездо ! Преку извесната победа на Горан, доволно се свесни да не дозволат да бидат  измамени. Преку таа победа, Герасимовски ќе ја спаси честа и образот, барем за миг на партијата не само во Скопје, туку веројатно и низ целата  земја.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини