Битолските левичари, здруженија, екологисти и други граѓани се дел од Битолското движење, кое со недели со инвентивните герила акции против корумпираната власт го привлекува вниманието на цела Македонија, информира порталот Сакам Да Кажам
Како во партизанско доба мафтаат со црвени знамиња, носат пароли за социјална правда, пеат песни од НОБ, ја слушаат Интернационалата и песната на антифашистичкиот отпор во Италија „Бела чао“. Тоа се другарите на притворениот Здравко Савевски, лидер на политичката партија Левица во неговата родна Битола. Соборците веќе два месеца се на чело на протестите во градот барајќи повлекување на аболицијата од Иванов и одговорност од сите политички функционери кои се огрешиле пред законот.
Тоа што судството речиси еден месец го држи лидерот Здравко Савевски од Левица во домашен притвор, не ги исплаши неговите сопартијци од Битола. Напротив, како печурки никнуваат сѐ повеќе млади битолчани кои се приклучуваат кон протестите. Тие порачуваат дека со притвори и казни нема да им го скршат духот.
„Протестираме против одлука која нас, граѓаните и нив, политичките елити, не поставува во нееднаква положба. За корумпираните политичари непоимлива е борбата за подобро утре втемелена на идеали. Тие сметаат дека ако нѐ притиснат ќе нѐ поколебаат како што тие би постапиле, но забораваат дека нашата храброст не доаѓа од некоја удобна позиција, туку од искрената желба за промена на општеството во подобро“, вели Никола Славевски, член на Левица од Битола и еден од водачите на протестите.
Но, кои се всушност младите луѓе кои протестираат во Битола? Едно е јасно, тие не го фатија авионот за да побегнат во Европа, туку останаа да се изборат Битола да не биде веќе последната станица на возот во Македонија. Повеќето од нив се чеда на горната гимназија, каде учеше и Савевски, а каде и за време на НОБ „се калеше челикот“, односно беше школо на пролетеријатот. Денес тие се факултетлии, кои не извадија книшки од партијата на власт за да добијат работа и да уживаат во лична благосостојба. Тие излегоа преку протести и улична герила да го променат општеството за општо добро. Меѓу нив има и девојки, кои понекогаш косите ги носат во плетенки како партизанките, а беретките се веќе моден хит.
„Левица не сака да ги хегемонизира протестите во Битола, бидејќи тоа е спротивно од нашите заложби за демократизација на ова општество. Но, можеме да кажеме дека иконографијата што се користи е од долгата традиција на движењата за работнички права и социјална правда. На протестите има црвени и црни, тоа се знамиња на слободарските антифашистички движења и борби, а оваа е борба против една фашизоидна власт, па нивното место е таму“, вели Славевски.
Целиот текст можете да го прочитате тука