Битолски актер повикан во полициска станица поради вознемирувачки Фејсбук статус за Костадиновска-Стојчевска

од Nikola Popovski
322 прегледи

Битолскиот актер и портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола Васко Мавровски бил повикан во полициска станица поради фејсбук статус наменет за министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Почитувани, би сакал да ве известам дека синоќа во 21:30 часот од страна на двајца полициски службеници бев повикан под итно да ја напуштам пробата во НУ Народен театар Битола за да ми биде врачен некаков документ. Иако за нас актерите пробата е свет чин бев приморан да го напуштам објектот. Пред влезот на НУ Центар за култура во период кога публиката ја напушташе кино проекцијата полицијата ми даде да потпишувам покана за информативен разговор во полициската станица со напомена дека веднаш треба да бидам спроведен. По кратко натегање прифатија сам да се пријавам во рок од 20 минути. Заедно со мојот адвокат се пријавив во полициската станица и ми беше соопштено дека министерката за култура во полициската станица во Кисела Вода пријавила дека таа и нејзиното семејство чувствуваат дека нивниот живот е загрозен поради споменувањето на “продолжен кабел” во мој пост на фејсбук неколку часа претходно. После 40 минути распит и давање на изјава од моја страна бев ослободен од страна на полицискиот службеник, информира актерот на социјалните мрежи.

Објавата за која што е пријавен Мавровски е следниов:

„Еве на четириесет и некоја дознав дека квалитетот на културните настани се мери со заштеда на електрична енергија. Дали ваквите неадекватни изјави се должат на нивото на ПМ радиоактивни вдишани честици од воздухот во Битола или блискиот контакт со гранде шефо на РЕК-о Васко Ковачевски, од кој очекувам во скоро време на сите ‘штедачи’ по метро и пол продолжен кабел да ви подари (повеќенаменски)? Бисера Костадиновска Стојчевска претстава НОЌЕ без светло не се игра!“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментираше настанот.

„Не е првпат МВР така да постапува насилнички. Јас на дневна основа јавно, што политичари, што граѓани, сум жртва на такви статуси што повикуваат на линч, на физички пресметки на мене на моето семејство и досега еве две години не е постапувано и луѓето треба да сфатат дека кога се занимаваат со јавна дејност дека ќе бидат предмет на критика. Не може секогаш да ве фалат и да велат дека сте најпаметни и дека најдобро работите, некогаш и логично е да ве критикуваат. Впрочем, затоа и преставува плурализмот, демократијата и ако вака за изнесен став се затвораат луѓе се враќаме назад во 49-тата година. Тоа не се европските вредности кои што оваа влада ги промовира. Нели велат европски вредности, полна им е устата со Европа, а се однесуваат како дивјаци од минатиот век“, истакна Мицкоски.