Поранешниот капитен на руската репрезентација Игор Денисов гостувал на канал на Јутјуб и во своето интервју апелирал до рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на војната која моментално се води во Украина.
Денисов не е првиот фудбалер од Русија кој повика на прекин на војната и постигнување договор, но јавно кажа дека е згрозен од сликата што доаѓа од Донбас и другите области погодени од војната.
„Сите овие настани се катастрофа. Целосен ужас. Не знам, можеби ќе ме затворат или убијат за овие зборови, но јас ги кажувам фактите“, рече Денисов.
Тој беше капитен на Русија од 2012 до 2016 година, а кога Зенит го освои Купот на Уефа во 2008 година, постигна гол во финалето. Сега јавно кажа дека е подготвен да го моли Владимир Путин да ја прекине војната.
„Дури и реков подготвен сум да клекнам пред него. Јас сум горд човек, но подготвен сум да клечам и го молам да престане со сето тоа“, додал Денисов.
Тој истакнал дека не се плаши за својот живот по ваквата изјава бидејќи тоа воопшто не е важно во оваа ситуација.
„Што е животот на еден човек, на некој Денисов? Нема веќе гордост, бидејќи сите гледаме каде води ова. Но, за жал, никој не го кажал тоа“, заклучил Денисов.