Поранешниот премиер на Пакистан Имран Кан беше ранет денеска во, како што тврдат неговите приврзаници, обид за атентат.
Најмалку еден маж е убиен, а осуммина се повредени во вооружен напад врз протестниот марш, предводен од поранешниот пакистански премиер , соопштија службите за спасување.
Како што пренесува ДПА, најмалку два куршуми го погодиле Кан во ногата.
– Нашите спасувачи однесоа најмалку едно мртво тело и осуммина повредени во болница, соопшти Фарук Ахмад, портпарол на одделот за спасување.
Кан, кој го предводеше протестот со барање за предвремени избори е во стабилна здравствена состојба, соопшти негов советник, оценувајќи дека нападот бил обид за атентат на поранешниот премиер.
Според пакистанската телевизија Гео, во врска со нападот приведено е едно лице, кое засега не е именувано.
Актуелниот премиер Шехбаз Шариф го осуди нападот и нареди итна истрага, пренесува Би-Би-Си.
Пакистан има долга историја на смртоносно политичко насилство.
Во најпознатиот случај, поранешната премиерка Беназир Буто беше убиена на јавен митинг во 2007 година.