Имран Кан најавува поход на Исламабад: Ќе повикам на марш кога ќе се чувствувам подобро

од Nikola Popovski

Поранешниот пакистански премиер Имран Кан рече дека ќе го продолжи протестниот марш до Исламабад откако ќе се опорави од обидот за атентат, додека неговите поддржувачи организираа протести низ целата земја.

Имран Кан беше застрелан во ногата додека мавташе кон толпата од камионот од кој водеше протестен марш кон главниот град Исламабад, за да побара предвремени избори и оставка од премиерот Шехбаз Шариф.

Шариф ја предводеше коалицијата на партии што го соборија Кан од власт во април.

– Ќе повикам на марш во Исламабад кога ќе се чувствувам подобро – рече Кан во обраќањето во живо од болницата во Лахоре каде што се наоѓа на лекување.

Тој изјави дека во нападот две лица се обиделе да го убијат и додаде дека убиле едно лице, а раниле 11.

Кан тврди дека три лица смислиле план да го убијат, без да наведе имиња или докази за наводите.

Говорот на поранешниот пакистански премиер дојде откако неговите поддржувачи излегоа на улиците на поголемите градови, блокирајќи ги главните патишта и на некои места се судрија со безбедносните сили.

Слични содржини