Губење на постојните и потенцијалните странски партнери со кои соработуваат или планираат да соработуваат македонските компании, е најголемата опасност по најавите од ЕУ за можното одземање на препораката за претпристапни преговори во јуни годинава, оценува Стопанската комора на Македонија.
Комората која денеска одбележува 94 години постоење, изразува голема загриженост за тоа, како актуелните состојби во државата ќе се одразат врз стопанството. Поголем дел од нејзините членки во најновото анкетно истражување посочиле дека имаат конкретни најави од своите дологодишни деловни партнери за откажување на веќе воспоставените договори за соработка и ако тоа навистина се случи, како што навеле, може значително да влијае врз производниот процес, бројот на вработени и нивната ликвидност.
Најголем проблем на компаниите е ликвидноста, а останатите проблеми кои, според Комората, генерално се провлекуваат со години, сега се само повеќе изразени.
– Веќе имаме примери од компании на кои во контакти со странски партнери им е наведено дека како земја сме окарактеризирани како ризично подрачје и затоа кај странските партнери, независно дали се од ЕУ или од нашето поблиско опкружување, се јавува резервираност во соработката поради постоење ризик од ненавремена испорака на производи и услуги или неможност за реализирање на планираниот извоз поради ненавремено снабдување со потребните суровини кои се увезуваат, наведува Стопанската комора во писмената оценка и додава дека ова би можело во голема мера да влијае на нашата надворешно-трговска размена со земјите од ЕУ.
Претседателот на Комората Бранко Азески во обраќањето по повод годишнината нагласи дека е потребна акција. – Ни треба акција, да бараме нови пазари и од „петни жили“ да ја развиваме индустријата, потенцира Азески.
Според него, држењето настрана од политиката е суштинска потреба на Комората за најоптимално извршување на нејзината функција. Без консензус, пак, меѓу јавниот и приватниот сектор, нема економски напредок. – Во бизнисот нема делење по никаква основа, верска, етничка, национална… Постои само еден интерес – создавање поголем профит за компаниите, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Стопанската комора спроведе анкетно истражување меѓу своите членки за моментните состојби во стопанството кои се резултат на актуелните случувања во земјата. Одговор на истражувањето дале околу 1.000 од различни дејности.
– Резултатите покажуваат дека има одредени проблеми во деловното опкружување, но поголемиот дел не се предизвикани од актуелните состојби кои, секако имаат значително влијание. Повеќето проблеми се провлекуваат подолг перод, само што сега повеќе е нагласена нивната тежина, истакна директорката во Комората Билјана Пеева Ѓуриќ.
Во истражувањето биле вклучени компании главно од металната и електро индустријата, металургискиот сектор, хемиската индустрија, давателите на сулуги, ИТ, угостителството и туризмот, осигурувањето, земјоделството и прехранбената индустрија.
– На прашањето какви се состојбите и дали има најави за некакво откажување на воспоставените соработки со странските партнери, 47 отсто од компаниите одговорија позитивно, односно дека веќе има најави за откажување на планирани и договрени посети од странски партнери кои требале да резултираат со склучување конкретни договори, рече Пеева Ѓуриќ.
Согласно истражувањето, Комората има сознанија дека кај дел од компаниите има и конкретни најави за откажување на веќе воспоставени договори за соработка. – Компаниите во обрзложението на акнетата упатуваат дека ако навистина се реализираат откажувањата со долгогодишните партнери, тоа може значително да влијае на нивниот процес на производство, на бројот на вработени и на нивната ликвидност, напомена директорката.
Ликвидноста засега е најголем проблем со кој се соочуваат стопанствениците, според 45 отсто од анкетираните, додека 85 проценти рекле дека немаат проблем со реализирањето на извозните/увозните активности при набавка на суровини и репроматеријали.
Генерално, компаниите велат дека е отежната наплатата на побарувањата, особено од домашните клиенти, но и од странски партнери. – Клиентите на домашните фирми, покрај тоа што имаат авансно плаќање на набавената суровина која ја увезуваат, кога се финализира производот и кога треба да се пласира, им бараат одложени плаќања со што се доведува во прашање нивната ликвидност, нагласи Пеева Ѓуриќ.
Има и компании, додаде, во кои, поради слабата наплата и најавите за откажување на нарачките, е намален бројот на потребниот кадар па тие не можат да го планираат својот натамошен развој.
На одбележувањето 94 години постоење беа доделени наградите на компании-членки за 2015 година. Признание доби и Агенцијата за храна и ветеринарство за најдобра соработка со Комората од државните институции.
На свеченоста присуствуваше и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Република Србија Мартин Кнап.
