Бизнисот очекува суштинско партнерство помеѓу деловната заедница и носителите на економските политики

од Stefanija Kuzmanovska

Мора да постои суштинско партнерство помеѓу деловната заедница и носителите на економските политики, порача денеска бизнисот на конференцијата „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата”, организирана од Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија.

На конференцијата на која учествуваа официјални државни претставници, стопанственици и претставници на Стопанската комора видео обраќање имаше претседателот на Комората, Бранко Азески, кој пред присутните истакна дека итно е потребно расчистување на прашањата за функционирање на правната држава, односот помеѓу капиталот и трудот и подобрување на структурата на економијата со производи и услуги со додадена вредност.

„Мојата порака до политичките елити во државата е следна: нов Рамковен договор за економски развој во наредните десет години. Бизнисот во прв план, историјата на историчарите. Порака до премиерот: имате историска шанса да го смените текот на работите во позитивна насока. Затворете ја страницата на македонската транзиција и отворете ги портите кон Европската унија. Многу млади ќе заминат, но ќе се вратат во поголем број ако тој период се искористи за развој на економијата”, порача Азески.

Претседателот на Советот Глигор Бишев изјави дека и 2023 година ќе биде година со многу предизвици и дека мора да постои суштинско партнерство помеѓу деловната заедница и носителите на економски политики.

„Првиот предизвик ќе биде намалувањето на инфлацијата, без тоа негативно да влијае врз забавување на економскиот раст. Потоа шоковите коишто доаѓаат од зголемувањето на енергијата и на храната. И трето, долгорочното преструктурирање на македонската економија кон позелена економија, автоматизација и дигитализација сѐ со цел да стане поконкурентна, подинамична и да води кон зголемување на животниот стандард”, порача Бишев.

На конференцијата воведно обраќање имаше и претседателот на Владата Димитар Ковачевски кој истакна дека кризата сè уште трае, ја менува формата и динамиката и поставува нови неизвесности и предизвици.

„Владата е тука да ги слушне сите предлози на деловната заедница како што ги слушаше и досега. Буџетот за 2023 година е мој прв буџет како премиер и лично ќе се залагам да покаже резултати, да ја обезбеди потребната основа за премин кон забрзан економски раст и развој на државата за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5 проценти на БДП. Буџетската каса е проектирана така да може да обезбеди стабилност, сигурност и економски раст во услови на криза. За антикризни мерки се издвоени 250 милиони евра”, изјави Ковачевски.

Во рамки на првиот панел насловен: „Како истовремено да оствариме соборување на инфлацијата и раст на економијата” во кој учествуваа: Фатмир Бесими, министер за финансии, Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна банка на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи, заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и Размена Чекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерството за економија фокусот беше ставен кон потребата за консултација и дијалог помеѓу креаторите и носителите на економски политики и бизнис заедницата од друга страна, во насока на носење на мерки кои ги унапредуваат условите за водење на бизнис.

Се дискутираше и за краткорочни и долгорочни мерки кои можат да влијаат врз намалување и одржување на инфлацијата, без економијата да влезе во рецесија, енергетска стабилност, зголемување на продуктивноста на работната сила, поддршка на инвестициите и поттикнување на зелено финансирање.

Во рамки на вториот панел: „Очекувања за стабилноста и растот на бизнис заедницата”, предводен од Виктор Мизо, генерален менаџер на Костал Македонија и потпретседател на Комората учествуваа и Никица Мојсоска Блажевски, главен извршен на Македонија 2025, Боријан Борозанов, управител на Џонсон Мети Скопје, Тодор Анѓушев, управител на Мали хидро електрани ДОО Скопје и ЕМС ДОО Скопје, Петар Спасески, основач и управител на АСП-ПАК ДООЕЛ Охрид и Васко Кроневски, извршен директор и ко-основач на Некстсенс ДОО Скопје и заменик претседавач на Одборот на директори на Македонија 2025.

Учесниците во овој панел потенцираа дека нивните оческување во услови на справување со мулти-криза се да има поголема предвидливост заради планирање и обезбедување пониски цени на електрична енергија за стопанството во насока на одржување на конкурентската способност на пазарите. Бизнис заедницата нагласува дека и проблемите со недостиг на квалификувана работна сила се повеќе од било кога изразени, но исто така и потреба од стратешки вложувања во енергетски капацитети за производство на базна енергија, првенствено биогасни и хидроцентрали, но и недоволно развиената инфраструктура, недостигот на дигитални вештини и слабата дигитализација како во јавниот сектор, така и кај малите и средни претпријатија, недостигот од трансфер на знаење и задржување на високо-образовниот кадар кој може да придонесе за создавање на производи со висока додадена вредност.

Денешната конференција е само најава за активностите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, која ќе прерасне во традиционален годишен настан кој на едно место ќе ги обединува сите чинители, насочувајќи го заедничкиот потенцијал кон креирање на мерки кои го поттикнуваат раст и развој на економијата и раст на стандардот на граѓаните.

Слични содржини