Секој последен петок во ноември е резервиран за големиот празник на шопингот, познат како „Black Friday“ (Црн петок), кога повеќето производи за широка потрошувачка може да се најдат по намалени цени. Во последните години, граѓаните најчесто се жалеа дека е маркетиншки трик за празни кеси и полни каси. Праксата кај трговиците е пак, врз старата цена да биде залепена нова, па многу често се случува цената да е иста, а само да се дава впечаток во јавноста дека производот е на попуст. Новост е што кај нас ваквиот тренд некогаш трае и месец дена, што е премногу во споредба со другите земји. Најчесто тоа се денови во кои трговците промовираат кампањи за попусти, а луѓето и во услови на рецесија и слаба куповна моќ трошат пари.
Реален попуст или маркетиншки трик?
Наместо „црн петок“ за намалување на цените на артиклите, дел од граѓаните во земјава велат дека тоа се „црни“ манипулации. Попустот речиси и не го забележуваат. Други пак, сепак успееле да најдат артикли со значително намалена цена. Останатите, велат дека и немаат желба за шопинг покрај секојдневните проблеми во општеството.
Во текот на последните денови најголема фреквенција на потрошувачи можеше да се забележи пред трговските центри.
„Во Македонија нема попусти“, „Немам проверено, но треба да има“, „Најмногу на облека“, „Лажги со опашки“, „20%, 30% не е Black Friday“, Првин ги качуваат цените, а потоа демек со попуст“, Најмногу има на гардеробата, „Да се купи нешто, таков е денот“ – се само дел од коментарите на граѓаните.
Колку попустите се реални, а колку се само маркетинг за привлекување купувачи, ја прашавме Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ). Оттаму за „Локално“ велат дека во последните две недели постојано гледаме натписи на продавниците кои се однесуваат на попусти. Истото се случува и на веб-страниците на продавачите како и на социјалните мрежи.
-Сепак на мислење сме дека кај нас црниот петок повеќе се користи како маркетинг на продавачите, отколку како реален попуст. Ако влезете во продавниците наместо 60 % од производите да бидат намалени ќе забележите дека се намалени цените на само 10% од артиклите и најчесто тие за кој продавачот сметал дека не се продаваат или имаат послаб квалитет, објаснуваат од ОПМ.
Околу фактот дека „понудата“ кај нас трае и до 30 дена, од организацијата се децидни дека целта на трговците секако е профит.
-Од тие причини веќе споменавме црниот петок го користат како маркетинг со цел да ги привлечат потрошувачите да купат одредени производи. Доколку тоа трае 30 дена можноста да заработат повеќе е поголема отколку да трае само еден ден. Затоа потрошувачите треба да размислат дали одредени производи кои сакаат да ги купат, навистина им требаат или подлегнале на маркетингот на трговците, апелираат од ОПМ.
На прашањето дали граѓаните кај нив се жалат ли кај нив за високите и нереални цени на производите и што треба да направат за да ги избегнат ризиците при ваквиот ден и попусти, од институцијата објаснуваат дека добиваат јавувања од потрошувачи кои сметаат дека цените на одредени производи се високи и нереални посебно во делот на прехрамбените производи кои секој потрошувач мора да ги набави.
-Затоа оние со помали примања се принудени да одат од маркет до маркет и да купуваат производи кои се на акциска продажба без оглед на квалитетот на истите. Секако има поплаки и за високите цени на обувките и текстилните производи како и на техничките производи. Тоа пак ги наведува потрошувачите кои сакаат да купат поефтини производи да нарачуваат он-лајн на социјалните мрежи каде најчесто станува збор за нерегистрирани трговци, па доколку се соочат со проблем истиот неможат да го решат бидејќи плаќаат во готово и немаат фискална сметка, велат оттаму во својот одговор.
Потенцираат потрошувачите да размислат дали ќе купуваат во престојниот викенд кога званично трговците го најавуваат црн петок и кога насекаде ќе има голема гужва и недостаток на време да се провери цената и квалчитетот на производите кои ќе се набават.
Од ОПМ бараат и пред да се објави цената за црниот петок, да се истакне најниската цена што била во последниот месец.
-Согласно Законот за заштита на потрошувачи, потребно е цената на производот која ќе биде намалена за црн петок претходно да била истакната 30 дена однапред, а не една недела пред црн петок да се покачат цените па да се намалат овој викенд. Секако за тоа апелираме на поголеми контроли на цените во овој период од страна на надлежниот Државен пазарен инспекторат, порачуваат од Организацијата на потрошувачи.
Неодамна се огласија и од Управата за јавни приходи. Препорачаа трговците да ги прикажат попустите на сметките и при секоја трансакција да издаваат фискална сметка.
Оттаму посочуваат дека пресметаниот данок на додадена вредност треба да биде наведен во сметката со новосоздадената цена.
-Трговците се должни да поседуваат фискален апарат и задолжително да издаваат фискални сметки при вршење на продажба и промет. На видно место треба да постават соопштение со кое го информираат купувачот за неговата обврска да побара фискална сметка, рекоа од УЈП и додадоа дека секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници што не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки.
Како настанал „Black Friday“?
„Black Friday“ не е службен празник во САД, но многу работодавци на своите вработени им даваат слободен ден за да можат без пречка да купуваат. Терминот доаѓа оттаму што поради огромниот метеж на улиците (од над 220 милиони луѓе што одат на шопинг), полицајците во САД, како и таксистите, тешко се снаоѓаат во сообраќајот тој ден. До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), вообичаено се поврзувал со полицијата на Филаделфија. Всушност, во 1960-тите години, за време на „Black Friday“, полициските службеници се жалеле на тотален колапс на сообраќајот предизвикан од овој ден на големи попусти, кој започнува првиот ден по Денот на благодарноста – еден од најважните американски празници.
Во САД особено владее голема шопинг-треска, бидејќи со денешниот официјално започнува празничната сезона. Најчесто во трговските центри од големите синџири доаѓа до масовни турканици за да се купат производи што се на попуст и до 90 отсто.
Едно популарно објаснување за потеклото на „црниот петок” вели дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”, откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).
Н.П.