Благ пад на нови случаи со ковид, празниците ризик за појава на мини кластери

од Берта Китинска
408 прегледи

Според вчерашната статистика битката со КОВИД 19 во изминатово деноноќие ја загубија 28 пациенти, најмногу починати има во Скопје – седум луѓе.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје минатата недела има намалување на бројот на смртни и новодијагностицирани случаи.

Во период 30 ноември до 6 декември регистрирани се 6 463 нови позитивни случаи на ковид-19 од 35 градови во државата што е намалување од 4,2 отсто во однос на претходната недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје.

Тестирани се вкупно 17 456 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, што е намалување од 7,0 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.639, 25,4%).
Во истиот период пријавени се 184 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 10,7% во однос на минатата недела.

Во однос на возраста, 158 лица биле над 60 години, 20 лица на возраст од 50-59 години, 5 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и еден случај во возрасната група од 30-39 години.
Институтот за јавно здравје регистрира 916 оздравени пациенти. Во моментов активни случаи се 21.854, а бројот на починати 1977.

Министерот за здравство Венко Филипче во однос на карантин и полициски час за време на празниците смета дека нема да има потреба бидејќи донесените мерки добро функционираат и веќе има намалување на факторот на преносливост и бројот на пациенти низ болниците.

„Сакам да упатам една порака до граѓаните, дека ова е еден голем ризик. Собирите за време на новогодишните празници се огромен ризик да се појават мини кластери кои дополнително ќе го оптеретат здравствениот систем. Ние предложивме да има дополнителни мерки и на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести ќе дискутираме за работно време на угостителските објекти“, изјави во Филипче во „Магазин“ на ТВ Сител.

 

Слични содржини