Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека Русија сериозно ја разгледувала можноста за употреба на нуклеарно оружје во Украина, но Кина, според него, интервенирала и спречила таков потег.
Во интервју за Фајненшл тајмс, Блинкен истакна дека САД се „многу загрижени“ од индициите дека Путин размислува за нуклеарна опција.
„Дури и да беа шансите меѓу 5 и 15 отсто, нуклеарното оружје го претставува најлошото можно сценарио. Имаме информации дека Кина стапила во контакт со Русија и јасно ѝ ставила до знаење: „Не одете по тој пат“, рече Блинкен.
Тој додаде дека слична ситуација се случила кога САД ја информирале Кина за можните планови на Русија да лансира нуклеарно оружје во вселената.
Според него, Путин сега се соочува со стратешки пораз, додека НАТО станува поголем и подобро опремен од кога било досега.
Блинкен, исто така, ги негираше наводите дека администрацијата на претседателот Бајден ја одложила испораката на оружје за Украина. Тој објасни дека морале да ги земат предвид факторите како што е способноста на Украина да работи и да ги одржува системите што ги обезбедуваат САД.
Американските разузнавачки агенции веруваат дека одлуката на Вашингтон да и дозволи на Украина да користи оружје произведено од САД за напади длабоко во руската територија не го зголемил ризикот од руски нуклеарен напад.