Блинкен: Од полноќ договорен 72-часовен прекин на огнот во Судан

од Nikola Popovski
292 прегледи

По интензивните преговори во претходните 48 часа, суданските вооружени сили (САФ) и Силите за брза поддршка (РСФ) се договорија да воспостават 72-часовен прекин на огнот почнувајќи од полноќ, изјави синоќа американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Како што соопшти Стејт департментот, Блинкен истакнал дека САД апелирале до двете завојувани страни целосно да го почитуваат претстојниот прекин на огнот.

Блинкен додал дека, со цел да се поддржи траен прекин на непријателствата, САД ќе се координираат со регионалните и меѓународните партнери, како и со суданските партнери од граѓанското општество, со цел да се создаде комитет кој ќе ги надгледува преговорите, склучувањето и спроведувањето на постојан прекин на непријателствата и хуманитарен договор во Судан.

Блинкен истакнал дека САД ќе продолжат да работат со партиите во Судан и партнерите кон заедничката цел за враќање на цивилната влада во таа земја, се додава во соопштението на Стејт департментот.

Судирите во Судан избија на 15 април поради спорот меѓу генерал на суданската армија Абдел Фатах ел-Бурхан, кој претседава со Суданскиот суверен совет, и Мохамед Хамдан Дагал, познат како Хемедти, неговиот заменик во тој совет и генерал на РСФ.

Вооружената борба за власт доведе до силно бомбардирање на суданската престолнина Картум, со стотици убиени и илјадници повредени.

Слични содржини