Блинкен: Премногу цивилни жртви во Газа

од Vladimir Zorba
240 прегледи

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска предупреди дека секојдневното страдање на цивилите во Газа, особено на децата, е превисоко и предупреди дека 90 отсто од населението во Газа се уште се соочува со недостаток на храна, што – според податоците на ОН – има доживотни последици за децата.

Вечерва на прес-конференција, по денешните разговори со израелските власти, Блинкен рече дека е во Израел по четврти пат во последните 95 дена, од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, по што следеше израелската инвазија на Појасот Газа.

Времето, сепак, тече поинаку за оние кои се длабоко погодени, како што се семејствата на заложниците кои ги држи Хамас, како и стотиците илјади кои се соочуваат со несигурност и недостиг на храна во Газа, рече Блинкен.

Таа голема човечка жртва е една од многуте причини зошто ние продолжуваме да стоиме со Израел за да се осигураме дека никогаш повеќе нема да се повтори напад како оној на 7 октомври, рече тој, истакнувајќи дека тоа е причината зошто се работи итна работа „да се создаде пат кон траен мир во регионот“.

Блинкен оцени дека „обвинението за геноцид пред меѓународниот суд е неосновано“, објави РСЕ.

Оние кои го напаѓаат Израел, како Хамас и Хутите, додаде Блинкен, продолжуваат отворено да повикуваат на уништување на Израел и масовно убивање на Евреите.

Борбите се особено тешки во Газа, бидејќи Хамас се крие и пука од училиштата и болниците, рече Блинкен.

Тој рече дека им пренел на израелските власти дека мора да се дозволи хуманитарна помош да влезе во Газа и да се обезбеди нејзина поефикасна дистрибуција во енклавата.

Израел мора да направи се што може за да ги отстрани пречките. На жителите на Газа мора да им се дозволи да се вратат во своите домови, а не да бидат принудени да излезат, рече Блинкен.

Тој нагласи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го уверил дека тоа не е политика на Израел.

Слични содржини