Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Токио во кратка, непланирана посета за лично да ѝ изрази сочувство на Јапонија за атентатот на поранешниот премиер Шинзо Абе.
Шефот на американската дипломатија слета во воената база Јокота, во близина на Токио, на враќање во САД по турнејата низ Југоисточна Азија. Тој требаше да остане во јапонската престолнина само неколку часа и да се сретне со јапонскиот премиер Фумио Кишидо.
Шинзо Абе, премиер со најдолг стаж, беше поборник за зајакнување на воените и дипломатските врски со САД. Тој беше убиен во петокот среде изборна кампања во западниот град Нара, исклучително ретко злосторство во Јапонија.
– Мислам дека сите се уште се во шок поради ова убиство. Шок од загуба за семејството, пријателите и светот – му рече Блинкен на својот тајландски колега Дон Прамудвинаи во неделата.