Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, излезе денеска со изјава по повод убиството Јахја Синвар, лидерот на Хамас.
-Јахја Синвар беше свиреп и непокајан терорист одговорен за најголемиот масакр на Евреи по Холокаустот. Терористите на Хамас по негово водство убиваа Израелци, Американци и граѓани од повеќе од 30 земји. Тие киднапираа и држеа како заложници доенчиња, стари лица и други цивили. Неговата одлука да ги започне терористичките напади на 7 октомври донесе катастрофални последици за народот на Газа, кој сега повеќе од година дена ги трпи ужасите на војната, изјави Блинкен, додавајќи дека „светот е подобро место без него“.
-Се сеќаваме денеска на жртвите на неописливите злосторства на Синвар и се надеваме дека неговата смрт ќе им донесе некаква правда. Соединетите Американски Држави стојат заедно со Израел во процесот на одговорност за нападите на 7 октомври и гаранциите дека таков напад никогаш повеќе нема да се повтори.
Блинкен истакна дека во текот на изминатите месеци, Синвар повеќепати ги одбиваал напорите на Соединетите Држави и партнери да се заврши оваа војна преку договор за враќање на заложниците кај нивните семејства и олеснување на страдањето на палестинскиот народ.
-Во наредните денови, Соединетите Држави ќе ги удвојат напорите со партнерите за окончување конфликтот, да се обезбеди ослободување на сите заложници и трасирање на нов пат кој ќе им овозможи на народот на Газа да ги обноват своите животи и да ги остварат своите аспирации, ослободени од војна и од бруталните стеги на Хамас.