Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со повеќе автобуси утрово ја блокираа крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков”.
Од „Слобода превоз“ најавија дека блокирањето ќе биде со повеќе од 30 автобуси и повеќе од 300 луѓе.
– Не е исклучена можноста и не е потврдена информацијата дека на тој ден во утринските часови според можеби поедини превозници да ги блокираат излезите односно влезовите на ЈСП-Скопје. Исто така времетраењето на протестот не е утврдено и се планира да трае до исполнување на барањата кои ако брзо не се решат во наредните денови ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје, беше соопштено.
Од „Слобода превоз“ информираа и дека нивни претставници денеска ќе бидат присутни на седницата на Советот на град Скопје, но без право на збор.
Министерството за внатрешни работи информира дека утрово со почеток во 7 часот, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на булеварите .„Гоце Делчев” и „Крсте Петков Мисирков” како и на околните улици.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Во петокот приватните превозници ги блокираа гаражите и централата на ЈСП во Автокоманда, при што оддржаа и помал протест.
Веќе седми ден како трае штрајкот на превозниците. Проблемите меѓу ЈСП и приватните превозници предизвикаа хаос во јавниот превоз во главниот град.
Градоначалничката Данела Арсовска ги обвини „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ дека од крајот на 2017 до денес немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во приватните автобуси, иако пријавувале дека возеле околу 400 илјади километри на месец и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар кој што го фактурирале до ЈСП.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски во петокот го истакна своето задоволство што имале средба со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје.
Приватните превозници нема да продолжат да возат, рече Јовановски, се додека не им се исплатат средствата кои им се должат од страна на ЈСП и кои според информациите на приватниците изнесуваат над 1,5 милиони евра.