Блокиран обидот на САД да го забранат „WeChat“

од Vladimir Zorba

Американски судија го блокираше обидот на американската влада да ја забрани кинеската апликација за плаќање и размена на пораки – „WeChat“.

Судијата од Сан Франциско, Лорел Билер изјави дека забраната за оваа апликација покренува сериозни прашања во врска со Првиот амандман на американскиот Устав, кој гарантира слобода на говор, пренесува Би-Би-Си.

Таа го блокираше барањето на Министерството за трговија до Apple и Google да го сопре преземањето на апликацијата до вечерва.

Случајот се појави на суд откако група корисници на „WeChat“ во Соединетите држави ја оспорија извршната наредба на претседателот Доналд Трамп, кој се обиде да ја затвори апликацијата во земјата.

Министерството за правда тврди дека блокирањето на наредбата може „да ја запре и наруши одлучноста на претседателот да се справи со заканите по националната безбедност“.

Билер одговори дека „иако доказите за закани по националната безбедност поврзани со Кина (во смисла на технологија и мобилни комуникации) се огромни, има малку докази во врска со „WeChat“, пренесува Гласот на Америка.

Министерот за трговија Вилбур Рос изјави дека одлуката за блокирање на апликацијата е донесена со цел да се бори против „кинеското злонамерно собирање лични податоци на американски граѓани“.

Министерството тврди дека „WeChat“ собрал огромна количина кориснички податоци, вклучително и нивни активности преку Интернет, информации за локацијата и историја на пребарување.

„WeChat“ има 19 милиони корисници на ден во САД, изјави аналитичката компанија „Аптопија“ на почетокот на август.

Апликацијата е популарна меѓу кинеските студенти, Американците кои живеат во Кина и оние кои имаат приватни или деловни контакти во Кина.

Слични содржини