„Блумберг“: Опаѓа рејтингот на Зеленски, чувство на депресија ја зафаќа Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Меѓу украинското население расте разочарувањето, очајот и заморот поради неуспешната контраофанзива и затоа што нема изгледи конфликтот брзо да заврши, пишува агенцијата „Блумберг“ која разговарала со неколку жители на Украина.

„Чувството на депресија ја зафаќа Украина. Подолгите ноќи се совпаѓаат со растечкото разочарување поради бавната офанзива и тензијата меѓу владата и военото раководство, која излегува на површина“, пишува агенцијата.

Како што се наведува, во Украина стануваат свесни дека конфликтот најверојатно ќе продолжи. Според анкетите на јавното мислење, рејтингот на Владимир Зеленски опаѓа во украинското општество, пишува весникот. Покрај тоа, веќе има знаци на колебање меѓу членките на НАТО во врска со помошта за Киев

„Чувствувам очај. Во споредба со минатата година, сега е потешко – оваа војна нема крај и понекогаш едноставно престанувам да верувам дека некогаш ќе заврши“, изјави за „Блумберг“ Наталија Кобјук, медицинска сестра од Киев, чиј сопруг е на фронтот 22 месеци.

Друг соговорник на агенцијата, 52-годишниот дизајнер од Лавов, Сергеј Петровски истакнал дека очекувањата од контраофанзивата се „малку преголеми“.

„Сега е најстрашниот внатрешен хаос и раздор. Луѓето стравуваат дека сето ова може да ја лиши земјата од поддршката од Западот, што е сега од клучно значење. Додадете ги на тоа и грижите за регрутирање, бидејќи човечките ресурси на фронтот се ограничени и постојаниот гнев поради корупцијата – а зимските месеци изгледаат уште помрачни“, објаснил Петровски.

Украинската контраофанзива започна на 4 јуни, а три месеци подоцна рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „контраофанзивата“ пропаднала.

Слични содржини