Блупринт групата: Извештајот на ЕК е еден од ретките каде е констатирано дека во првосудството не е забележан прогрес

од Nikola Popovski
270 прегледи

Блупринт групата за реформи во правосудството, тргнувајќи од постулатот дека граѓанските организации имаат значајна улога во демократскиот систем, реформските процеси, заштитата на човекови права и владеењето на правото, веќе подолго време апелира за значајни состојби во правосудството и законодавните процеси на кои им треба итно внимание и итни мерки за надминување на предизвиците. Интервенциите кои Блупринт групата ги имаше во 2023 година, се јасно нотирани како суштинска реакција на појавите и постапувањата пред се на Судскиот совет на РСМ, кој во Извештајот за напредок  на ЕК за 2023 година е детектиран како генератор на загриженост за независноста за судството. Оваа констатација произлегува по скандалозното разрешување на претседателката на ССРСМ и отсуство од конкретна акција за сочувување на независноста и самостојноста на Судскиот совет што е нотирано од страна на ЕК.

-Европска комисија во извештајот ја оценува состојбата во правосудството како непроменета и без напредок. Во извештајот е потенцирано дека Судски Совет на РСМ треба да се стреми кон интегритет и независност на судии, како и да се спротивстави на секакво надворешно влијание, додека контраверзното разрешување на претседателката на Судски Совет на РСМ ја зголеми загриженоста за несоодветни политички влијанија, како и почитување на законски пропишани процедури и начела. Европската комисија упатува на минатогодишните препораки кои не се спроведени, а кои се однесуваат на: донесување нова стратегија за реформи во правосудство 2023 – 2027 без одлагање, како и ревидирање на целосна законодавна рамка за севкупно функционирање на Судски совет на РСМ со цел зајакнување на владеење на правото, транспарентноста и независноста, велат од Блупринт групата.

Во оваа насока и изборните процеси од Советот на јавни обвинители во Извештајот се оценети како такви кои немаат допринос кон градење јавна доверба во транспарентноста и владеење на правото, бидејќи не се воспоставија критериуми за квалификација, како и посочување дека се уште е присутна потреба од образложување на одлуките. Дополнително, како сериозно загрижувачко прашање останува да се провлекува можното надворешно влијанние во процесите на Светот на јавни обвинители.

-Извештајот на ЕК, дава посебни забелешки кои се однесуваат на загриженоста за злоупотреба на „европско знаменце“ за хармонизација на домашното законодавство со европското, како и борбата против висок криминал и корупција, што се и фокус на Блупринт групата, а во исто време и фокус на Извештајот за РСМ за 2023. Токму овие состојби се оценети како загрижувачки, без напредок или со неуспешни мерки за справување.

Би сакале да потсетиме на насоката дека „европско знаменце“ треба да се употребува за директно усвојување закони со основна цел за усогласување со европско законодавство, а не за да се оневозможи или скрати јавна дебата и консултации за исклучително важни прашања. Истото е нотирано и во Извештајот на РСМ за 2023 поврзано меѓудругото и со неодамнешните измени на Кривичниот законик од септември 2023 година. Во извештајот се потврдува ставот на Блупринт групата дека со користење на „европското знаменце“ се воведоа намалени казни за кривични дела на корупција без разлика што овие измени не се однесуваа за усогласување на националното со  EU acquis. Конкретните измени на Кривичниот законик се оценети како загрижувачки, бидејќи влијаат на кривичните постапки, го ограничуваат обемот на истрагите, и ја попречуваат способноста на властите ефективно да ги гонат случаите на висока корупција. Од друга страна, во делот за борба против корупција, присутна е и генералната оценка дека нема напредок, а корупцијата останува сериозно загрижувачко прашање. Со тоа, се потврдува и загриженоста на Блупринт за давање правна основа на хроничната неказнивост на високи фунционери, истакнуваат од Групата.

Укажуваат дека и покрај напорите кои ги прави граѓанскиот сектор преку Блупринт групата во правосудството, преку следење на работата на истото и институционална поддршка на судовите и правосудните институции, за жал ЕК констатира отсуство на напредок токму во овој дел што се должи на неодговорното, непрофесионалното и неетичко однесување на функционерите што е очигледно и од драстично намалената доверба кај граѓаните и најниската можна оцена во делот на европските интеграции.

-Овој Извештај на ЕК, е еден од ретките каде е констатирано дека во делот на првосудството не е забележан прогрес, што од аспект на исполнување на критериумите од Поглавјата 23 и 24 претставува целосно руинирање на сите досегашни постигнувања и напредок токму во овој сегмент, стои во реакцијата на Блупринт групата.

Слични содржини