Бојаниќ од кавачкиот клан со лажен македонски пасош влегол во Турција, во дворот на вилата не било пронајдено тело

од Nikola Popovski

Турската полиција се огласи по апсењето на обвинетиот шеф на црногорската мафија Жељко Бојаниќ со образложение дека тој бил уапсен на 4 ноември и дека влегол во Турција со лажен македонски пасош. Тие соопштија дека во дворот на вилата во која е уапсен не е пронајдено тело. Полицијата детално го пребарала дворот на вилата.

Според порталот sozcu.com.tr, наводно до смрт бил измачуван Ристо М., член на спротивставената криминална група, по што неговото тело било закопано во дворот.

Полициски екипи извршиле претрес во дворот на вилата во која се криел Бојаниќ, сомневајќи се дека таму може да биде погребано телото на Ристо М.

Тамошната полиција соопштила дека турската Управа за организиран криминал утврдила дека „странскиот државјанин Ж.Б., член на организирана криминална организација, дошол во Турција со лажен македонски пасош издаден на име Ј.А.Б.“.

Потсетуваат дека при апсењето биле одземени лажна лична карта и пасош.

Турската телевизија Си-Ен-Ен Турк објави дека Бојаниќ, чиј прекар е „Борис“, е меѓу 45-те најбарани криминалци во Европа и дека во Турција влегол со лажен пасош на име „Анделев Белчев Јордан“.

Ристо М. бил припадник на шкаљарскиот клан, кој од 2014 година е во судир со кавачкиот клан на Бојаниќ.

Од 2014 година, околу 50 луѓе се убиени во судирите меѓу овие два клана.

Слични содржини