ЕУ внимателно ги следи изборите во земјава: „Македонија се обврза да го измени Уставот“

од Nikola Popovski

Европската унија внимателно ќе го следи изборниот процес во Македонија. Веруваме дека сите политички сили во земјата ќе го поддржат напредокот на земјата на европскиот пат, изјавила портпаролката на Европската комисија за соседска политика и проширување, Ана Писонеро, коментирајќи ги претстојните двојни избори во земјава.

-Ние јасно ја поддржуваме перспективата за членство на Северна Македонија во ЕУ и се надеваме дека ќе бидеме во можност да го отвориме преговарачкиот процес што е можно поскоро, додала Писонеро.

Таа нагласила дека Европскиот совет во своите заклучоци даде јасни индиции за неговите очекувања од земјата, потенцирајќи дека „Северна Македонија се обврза да го измени Уставот“.

-Како што знаете земјата е посветена на измени на Уставот и од наша гледна точка ние веруваме дека политичките сили ќе се фокусираат на придвижувањето на патот на Северна Македонија кон Европската унија.  Се надевам дека Македонија и Албанија ќе можат да ги отворат преговорите по првиот кластер, основни права, што е можно поскоро, рекла Писонеро.

Додава дека одлуката за тоа кога ќе се свикаат следните меѓувладини конференции сега е во рацете на земјите-членки.

Од ноќеска на полноќ почна изборниот молк за парламентарните и за вториот круг од претседателските избори. Ќе заврши утре во 19 часот до затворањето на гласачките места. На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори еден 1.815.350 избирачи.

Слични содржини