Бочварски: Градиме преку 660 станови за социјално ранливи категории на граѓани

од Vladimir Zorba
171 прегледи

Градиме преку 660 станови за социјално ранливи категории на граѓани за да овозможиме пристоен дом на ранливите семејства. Во Велес активно работиме на изградба на станбена зграда со 29 станови за социјално ранливи семејства, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на општина Велес.

Министерот, заедно со директорот на АД за станбен и деловен простор од значење на Републиката, Кристијан Трајковски и градоначалникот Аце Коцевски, извршија увид во изградба на станбена зграда за ранливи групи на граѓани во Велес.

Зградата има 29 станбени едници, а вкупната вредност е 42 милиони денари. Според договорот треба да биде завршена во месец мај следната година.

“Со инвестициите во вакви објекти сакаме да покажеме вистинска грижа за граѓаните на кои им е најпотребно, да обезбедиме кров над глава и пристојни услови за живот. Оваа година во буџетот на Министерството за транспорт и врски беа предвидени 134 милиони денари за реализација на ваков тип на социјални згради, а во текот на минатата година сите средства што беа предвидени се реализирани. Само во овој момент работиме на изградба на преку 660 станови во неколку општини. Посакувам оваа зграда да биде успешен пример за една соработка помеѓу централната и локалната власт, така и да продолжиме во иднина. Општините да креираат урбанистички планови во насока да има простор и можности да реализираме ваков тип на проекти за социјално ранливите категории на граѓани”, изјави Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

Министерот потенцираше дека во тек се два проекти за изградба и реконструкција на водоводни и канализациони мрежи во вредност од преку еден милион евра. Исто така во тек е реконструкција на патните влезови во градот.

Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор истакна дека за кратко време ќе започне изградба на станбена социјална зграда и во Дебар.

“ Завршени се постапките за уште три социјални згради, а во тек е избор на изедувач на објект од ваков тип во Дебар. Заедно со Министерството за транспорт и врски се работи и на ново законско решение со кое се предвидува полесен начин за откуп на социјалните станови опфатени со претходниот проект Ф/П 1340, како и на општествените станови и тоа во насока на пониски каматни стапки и поголем број рати за отплата,” изјави Кристијан Трајковски, директор на АДСДП.
За градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, изградбата на оваа социјална зграда е од огромно значење за обезбедување на дом за ранливите семејств во градот.

“ Овие станови ќе бидат наменети за лица од социјално ранливи категории на население, значи на лица кои се деца без родители, на самохрани родители, на лица од ромската националност, лица со посебни потреби, лица со минимални приходи со гарантирана минимална плата што е особено значајно од овој момент, затоа што сметам дека на овие лица им се најпотребни овие станови. Во досегашниот период често се случува од странките кои доаѓаат во општина Велес да бараат социјална помош или социјален стан, но со изградбата на овие станови малку ќе се амортизираат притисоците и барањата да дојдат до пристоен дом на живеење барем на 29 семејства од Велес”, изјави Аце Коцевски, градоначалник на општина Велес.

Слични содржини