Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна средба со австриската сојузна министерка за Европска унија и уставни прашања, Каролине Едштадлер, на која присуствуваа и претставници на бизнис заедницата од Австрија.
Средбата е во рамки на официјалната посета на министерката на Република Северна Македонија.
Министерот Бочварски пред присутните ги презентираше стратешките проекти на Владата на Република Северна Македонија во рамки на Националната Транспортна Стратегија во делот на патната и железничката инфраструктура.
„Австрија е наш пријател и силен поддржувач на нашиот пат на ЕУ интеграцијата. Драго ми е што денеска во посета на земјава е сојузната министерка Едштадлер, заедно со претставници од бизнис заедницата од Австрија. Разговаравме за нашите идни инвестиции во патната и железничката инфраструктура каде очекуваме интерес за вклучување и на австриски компании. Остануваме посветени на нашата агенда за модернизација на инфраструктурата низ целата држава за интеграција во европските транспортни системи“, изјави министерот Бочварски.
Обострано беше потврдена добрата меѓусебна соработка и поддршката на Австрија на патот на евроинтеграциите на Република Северна Македонија.