276
Изградбата на експресниот пат Штип-Кочани па и експресниот пат од Штип до Радовиш е пример како треба да се реализираат капиталните инвестиции во државата, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Министерот, заедно со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми како и градоначалниците на општините Штип, Кочани, Карбинци и Чешиново Облешево, денеска извршија увид во изградба на втората фаза од експресниот пат Штип-Кочани, делница Крупиште – Кочани.
,,Овој дел од експреснот пат е со должина од 13,7 километри а инвестицијата е со вредност од 18,2 милиони евра. Или вкупната должина на експресниот пат од Штип до Кочани е 28 километри за што инвестираме 37,3 милиони евра. Задоволни сме од фактот што граѓаните веќе ја возат првата делница од Три чешми до Крупиште, по нов, модерен и безбеден пат. Со изградбата на овој експресен пат создаваме брза патна врска меѓу Источниот и централниот дел на државата, отвораме можност за влез на нови инвеститори, за зголемување на работните места но и подобра комуникација меѓу граѓаните’’, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски
Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради брз економски развој на овој регион, но и на цела држава, потенцираше министерот.
,,Истокот повеќе не е слепо црево, речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој период. Кога сме веќе тука, со директорот сакам да најавиме дека во завршна фаза е рехабилитацијата и на патниот правец од Пробиштип до Крупиште,’’ изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски
Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, истакна дека патот се очекува да биде завршен до крај на оваа година.
,,Вкупната ширина на експресниот пат е 11,4 метри, со две сообраќајни ленти од по 3,5 метри, две ленти за принудно застанување од по 2 метри и две рабни ленти од по 0,20 метри. Што значи дека овој патен правец ќе има четири ленти, по две коловозни и две ленти за застанување. Овој нов патен правец започнува кај месноста Три чешми во Штип и се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци – Свети Николе – Штип. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час’’ изјави директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Со изградбата на овој експресен пат се создава брза патна врска меѓу Источниот и централниот дел на државата. Првата фаза од експресниот пат од Штип до Крупиште е изгардена и веќе пуштена во сообраќај.