Како одговорна Влада треба да преземеме дополнителни чекори во насока на изнаоѓање на најдобрите решенија за завршување на автопатот Кичево-Охрид, рече вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Во гостување на ТВ 24, тој соопшти дека пред извесен период правеле анализи, бидејќи се работи за проект којшто трае предолго време и во кој се јавиле големи проблеми до денес и во самата реализација.
-Во врска со овој проект, еден од чекорите е ревизија на целата проектна документација и таа се одвива во Јавното претпријатие за државни патишта. Има две ревизии во моментов, едната е за капиталните проекти, другата за финансиската исправност. Вториот чекор кој ќе го преземе Владата е ангажирање на Фидик експерт преку надзорниот орган којшто ќе ни ги посочи неколкуте сценарија. Тој работи на вакви меѓународни договори, наведе Бочварски.
Посочи дека во многу наврати биле и противници на моделот за градба што бил избран во тоа време.
-Во целиот период не сме седеле со скрстени раце, туку сме влегле во реализација за измена на законските процедури со цел да овозможиме полесна процедура на вакви инфраструктурни проекти, за да сегашните и идните генерации и влади полесно работат на овие проекти. Министерството за транспорт и врски поднесе законски измени кои се веќе усвоени и тие ќе ги дадат резултатите, истакна министерот за транспорт и врски.
Како што информираше претходно ресорното Министерство, ангажиран е експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализиација на овој проект. Рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата, според најавата, ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.
Појавени се 11 нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.