Ова што денеска се случува на Граничниот премин Табановце и Граничниот премин Прешево е доказ за партнерскиот однос меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, со што ја олеснуваме размената и транзитот на стока и патници. Ова денеска го истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на средбата со министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија, Томислав Момировиќ на граничнот премин Табановце.
Двајцата министри, заедно со директорката на Царинската управа, Славица Кутиров извршија обиколка на граничниот премин Табановце, каде е воведен концептот на “едно застанување на граница”, иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан.
“Имавме одлична можност директно да се запознаеме со една од придобивките на концептот на Отворен Балкан, иницијатива што ја промовираа Претседателите на нашите Влади и кој започнавме успешно да ја спроведуваме. Со примена на таканареченото “едно застанување на граница” значително се намалени постапките за влез и излез од двете земји, посебно за товарниот транспорт каде се воведени и зелени ленти за брз проток на стока. Со реконструкцијата на граничниот премин и воведувањето на овој концпет на работа, намалено е времето на чекање, царинските и граничните процедури се поедноставени, а поминувањето на границата е забрзано”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој додаде дека во следниот период Царинската управа ќе овозможи и нови ленти за проток со кој ќе се намалуваат тесните грла особено во летните сезони.
Министерот Тоамислав Момировиќ потенцира на огромниот успех на концептот Отворен Балкан, како регионален проект со кој е олеснат протокот на стока и патници.
“Србија и Северна Македонија се две братски земји, а соработката што ја воспоставив со мојот колега Бочварски најдобро тоа го демонстрира. Успеавме да го обновиме интегрираниот граничен премин и да го забрзаме сообраќајот посебно во летниот период. Добив податок дека на овој граничен премин поминуваат преку 130 илјади возила. Овој граничен премин само потврдува колку е потребна иницијативата Отворен Балкан, а ќе потенцирам и дека е неопходна. Ова е најголем регионален проект во последните триесет години и мораме да продолжиме да го развиваме во овој правец,” изјави Тоамислав Момировиќ, министер за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија.
“Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, покрај подобрување на условите за работа се овозможува истовремено работење на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила кое е особено важно во тек на туристичката сезона. На граничниот премин Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси, а во моментов се работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила”, изјави Славица Кутиров, директор на Царинската Управа.
На средбата двајцата министри разговараа и за изградба на заедничка железничка станица на ГП Табановце, за олеснување на прокот на патници и воспоставување на заеднички граничен премин Пелинце, како и за либерализација на транспортните услуги и непречен заемен пристап кон транспортните пазари на земјите од оваа иницијатива.