Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, денеска заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини го презентираа новиот Предлог-закон за добивање правен статус на бесправно изградени објекти.
Со ова законско решение ќе можат да се легализираат бесправно изградени објекти до 1 јануари 2021 година.
Предвиден е скалест начин за пресметување на надоместокот за легализација и тоа, за објект до 80м2 висината на надоместокот се зголемува за 50% од основниот комунален трошок, а за објекти над 80м2, овој надоместок се зголемува за 100%.
Надомест за легализација на бесправни објекти нема да плаќаат социјално загрозените граѓани и лицата со приходи до 180 илјади денари нето годишен приход, со што се зголемува опфатот на граѓани кои се ослободени од овој надоместок.
„По опсежни и темелни дискусии со граѓанскиот сектор, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни, можам да кажам дека имаме квалитетно законско решение. Земени се предвид речиси сите предлози и забелешки кои стигнаа до нас. Нудиме фер услови за сите оние граѓани кои претходно немале можност да ги легализираат своите домови. Ставаме акцент на куќите – објекти со А1 намена, односно домовите на нашите граѓани. Тоа значи дека не можат да се легализираат згради и доградби на згради, не може да се легализираат помошни објекти, базени, гаражи, како и различни видови на урбана опрема”, изјави министерот за транспорт и врски, Бочварски.
Тој дополнително информираше дека нема да можат да се легализираат и објекти кои се наоѓаат во границите на старото градско јадро на Охрид, како и објекти кои се наоѓаат во заштитените подрачја, Зона за строга заштита и Зона за активно управување.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се осврна на делот од новиот Предлог-закон што се однесува на заштитените подрачја.
„Со овој Закон предвидено е да не се спроведува постапка за легализација на сите видови на бесправни објекти изградени во граници на заштитено подрачје со исклучок на бесправно изградени објекти за домување, но само доколку истите во заштитеното подрачје се наоѓаат во зона на одржливо користење”, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини, нагласувајќи дека за да може да се спроведе легализација на овие објекти ќе биде задолжителна согласност од Министерството за животна средина.
Во излагањето тој потенцираше дека Законот за инспекциски надзор во животната средина е во насока на воспоставување на координирано планирање на инспекцискиот надзор на целата територија на државата, ќе овозможува повеќегодишно планирање на инспекцискиот надзор во животната средина, надминување на сегашните предизвици со човечките ресурси, соодветно планирање и соработка во инспекцискиот надзор на централно и локално ниво во согласност со политиките за животна средина, а воведено е и планирање засновано на критериуми за процена на ризикот кој го имаат субјектите на надзорот врз животната средина.
Рокот за доставување на барања за легализација е 6 месеци од денот на стапување на Законот на сила.