Благоја Бочварски, поранешниот министер за транспорт и врски од СДСМ, во емисијата „Само Вистина“ јасно порача дека приоритет на државата треба да биде економскиот напредок и подобрување на животниот стандард. Тој истакна дека просечната плата во Македонија е речиси двојно помала отколку во Хрватска, што е сериозен показател дека државата не се движи во вистинската насока.
„Приоритет е државата да се придвижи напред, а тоа може да се постигне само преку консензус и поддршка од сите политички чинители, вклучително и опозицијата“, рече Бочварски, нагласувајќи дека политичките партии треба да се фокусираат на решенија, а не на префрлување одговорност.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, исто така нагласи дека евроинтеграциите се суштински приоритет, но тие треба да се остварат на достоинствен начин, со почитување на критериумите од Копенхашкиот договор. Тој додаде дека и покрај позитивните оценки од европските лидери за реформите, внатрешни пречки ја кочат државата.
„Ние сме отворени за дијалог и соработка за суштински одлуки што ќе ја водат државата напред, сакаме признание и успех и дома и на меѓународната сцена“, заклучи Стојаноски.
Моника Зајкова, претседателка на ЛДП, во истата емисија истакна дека наместо постојано да си ја префрлаат одговорноста, политичките партии треба да се фокусираат на решенија. Таа забележа дека државата веќе 30 години е во стагнација, а перцепцијата на граѓаните е дека состојбата од година во година се влошува.