Од 70 -те нови репроектирања на автопатот Кичево-Охрид, за само два месеци државата изготви и одобри 35 проекти. Силно сме посветени на завршување на автопатот, уверуваме дека државата ќе ги исполни сите обврски од договорот. Очекувам час поскоро Собранито да го изгласа Анекс на договорот за да се овозможи силна градежна активност на автопатот, изјави министерот Благој Бочварски при денешната посета на општина Охрид.
Тој потенцира дека со Анекс на договорот не се предивдени дополнителни финансиски средства, додека изведувачот има обврска со конкретни рокови да ги заврши петте делници од автопатот, односно да биде целосно завршен до декември 2023 година. Во рамки на посетата на општина Охрид, со градоначалникот Константин Георгиевски, извршија увид во рехабилитираната улица “Абас Емин”, каде Министерството за транспорт и врски и општина Охрид со инвестиција од 40 милиони денари извршија комплетна реконструкција на водоводната и канализациона мрежа, како и поставување
на нов асфалт.
Денеска двајцата го потпишаа договорот за реконструкција на локалната улица “Македoнски Просветители” во центарот на градот, како дел од проектот за реконструкција на локалните патишта во општините.
„Новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти, такси паркингот, тротоарите и велосипедската патека ќе бидат изведени од гранитни камени плочи. Во должина на улицата планирано е изведување на среден разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед од двете страни. Сакам да потенцирам дека ова е проект кој значително ќе го подобри изгледот на градот, модерен проект, со кој ја зголемуваме и безбедноста на граѓаните на улиците. Целокупната инвестиција чини скоро 38 милиони денари”, изјави министерот Бочварски.