„Инвестираме значајни средства за раст и развој на локалната економија, подобрување на условите за живот на граѓаните, но и за зголемување на туристичкиот потенцијал на Крушево“, истакна министерот Благој Бочварски, при денешната работна посета на општина Крушево, каде заедно со заменик министерот Беким Реџепи, државниот секретар Митко Трајчулески и градоначалникот Томе Христоски, извршија увид во рехабилитација на улицата „Питу Гули“, проект финансиран преку Министерството за транспорт и врски.
Преку Проектот за поврзување и рехабилитација на локални улици и патишта Министерството за транспорт и врски вложува 70 милиони евра неповратни средства во општините, а само за општина Крушево се предвидени 620 илјади евра за оваа намена.
Улицата „Питу Гули“ во градот Крушево, која се наоѓа во градското јадро и е од големо значење за населението во тој дел од градот, се реализира токму преку овој проект.
„Она што го ветивме пред жителите на Крушево, сега го гледаме на дело. Рехабилитацијата на улицата „Питу Гули“ за која инвестираме 5,5 милиони денари е во завршна фаза. Имаме комплетно нов асфалт и поставени се нови гранитни рабници, а во овој момент се поплочуваат тротоарите, со што овој дел од градот добива комплетно нов изглед“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Тој ја потенцираше одличната комуникација и соработка помеѓу Министерството за транспорт и врски и општина Крушево и истакна дека само на тој начин можат да се реализираат што повеќе проекти и граѓаните да бидат позадоволни.
„Со општина Крушево и градоначалникот Христоски имаме одлична соработка. Со добра комуникација и со добри проекти го подобруваме животот на Крушевчани и го зголемуваме туристичкиот потенцијал на Крушево. До сега преку Министерството за транспорт и врски инвестиравме преку 100 милиони денари за изградба и модернизација на патната и комуналната инфраструктура во општина Крушево, вклучувајќи ја изградбата на водоснабдителните објекти во Норово, Саждево и Борино, регионалниот пат од Крушево – Пуста Река, патниот правец Стопанство – Норово, како и транзитот низ градот. Инвестициите тука не завршуваат, продолжуваме со активна поддршка на сите локални самоуправи“, истакна министерот Бочварски.