Во рамки на тркалезната маса организирана од Меѓународниот транспортен форум на тема „Транспортот и Ковид 19″, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека зелените коридори, воспоставени на почетокот на Ковид-19 пандемијата, се покажаа како еден од најуспешните примери на регионална соработка.
На овој настан, на кој учествуваа министри за транспорт и државни секретари од преку 25 земји од светот, министерот Бочварски истакна дека мора да се размислува како да се ублажат последиците од кризата, но и да се предложат поодржливи решенија надвор од неа.
„Создавањето поволни услови за трговија и непречен транспорт може да го забрза закрепнувањето, бидејќи трговската соработка и слободниот проток на стоки и услуги можат да обезбедат навремена испорака на есенцијални стоки токму онаму каде што се најпотребни. Затоа, продолжувањето и надградбата на концептот на „зелени коридори“ и нивно проширување до граничните премини на сите земји, вклучувајќи ги и оние со соседните земји-членки на Европската Унија, може да даде добри резултати и да биде од корист за сите, истакна министерот Бочварски, говорејќи на првата сесија од тркалезната маса, која се однесуваше на концептот на „зелените коридори – ленти за полесен и побрз транспорт“.
Ваквите коридори во рамки на Западен Балкан се воспоставија на почетокот на КОВИД-19 пандемијата, со цел да се спречи недостиг на есенцијална стока и медицинска опрема.
Инаку ова беше првата тркалезна маса од трите предвидени пред почетокот на Самитот на министри, на која учествуваа министри за транспорт и државни секретари од преку 25 земји од светот, меѓу кои САД, Велика Британија, Русија, Јапонија, Данска, Португалија.
Во мај 2021 година ќе се одржи Интернационалниот транспортен саем.