Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Богдан Илиевски, или познат во јавноста како Бетмен Велит, еден од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ попладнево е спроведен во кривичниот суд во рамки на истрагата за упадот во Собранието што се случи на 27 април.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека предистражната постапка за настаните од 27 април е завршена. Од таму велат дека по разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик, за кое е предвидена минимална казна затвор од најмалку 10 години.
Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, пратеникот Крсто Мукоски и уште неколку лица утринава беа уапсени и одведени во кривичниот суд.
Во моментов пред кривичниот суд приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ протестираат против денешните приведувања. Меѓу присутните е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски./Макфакс