Богдановиќ на средба со министерката Шахпаска: Фокусот ставен на капацитетите во градинките

489 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денес оствари работен состанок со градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, како и претставниците од Секторот за јавни дејности при општината. На овој состанок, фокусот беше ставен на алтернативните решенија кои ќе овозможат проширување на сместувачките капацитети во градинките кои се наоѓаат во општина Центар, како и формирање на нови групи на деца кои ќе се вклучат во предучилишното образование за време на здравствената криза и Ковид пандемијата.

„Во наредниот период Општина Центар ќе преземе активности кои ќе имаат за цел да ги прошират сместувачките капацитети во градинките и да одговорат на потребите и барањата на родителите, а ќе бидат во согласност со Правилникот за работа од страна на Министерството за труд и социјална политика и препораките од Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство во Република Северна Македонија“, се посочува во соопштението на општина Центар.

Инаку, градоначалникот Богдановиќ на средбата истакнал дека во однос на алтернативните решенија кои планираат да ги спроведеме се однесуваат на отворање осум занимални во рамки на четири општинските основни училишта.

„Планираме училниците да бидат пренаменети во занимални, а ние како локална самоуправа дополнително ќе обезбедиме просторни и хигиенски услови кои се неопходни за дневниот престој на децата во градинките. Во план е да се отворат и нови вработувања за воспитувачки и негувателки“, истакнал Богдановиќ.

За потсетување, минатата недела започна вакцинацијата на наставниот кадар од општинските основните училишта, односно за наставниците кои реализираат настава со физичко присуство од прво до трето одделение и за вработените во општинските градинки, а таа ќе продолжи и во наредниот период.

Слични содржини