Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ најави дека од понеделник ќе имаат средба во Град Скопје за спорната тераса на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

– Изминатиот период ние се обидуваме да ги собереме сите правни аргументи за да докажеме дека тоа е тврда градба, вон парцела. Се што е вон парцела, а нема одобрение за градба е дивоградба. Институциите кои се над нас, второстепени комисии и Град Скопје, цело време го менуваа законот и процедурата за да докажат дека тоа не е така, рече Богдановиќ.
Тој денеска најави дека општината ќе врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, пред се, Мајка Тереза, Градската куќа, заедно со хотелот што се гради, мостот „Око“, а за Андон Ќосето се проверува дали има одобрение за градба.
Проверката се врши во соработка со МВР, СЈО и Јавното обвинителство.
– Со функционалната ревизија која ја предвидуваме во 2018 година сакаме до милиметар да испитаме што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници, урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Многу брзо ќе дојдеме до некои сознанија, уште до крајот на годината, а некои, што се комплексни, ќе почнат по Нова година, рече Богдановиќ.
Најави отворање процеси со изградените дивоградби и воведување ред во урбанизмот.
Според него, сега имаат можност да отворат многу работи. Сите недостатоци, како што рече, кои се дадени, како дозволи за настрешници да ги отстраниме, а потоа работата да ја преземеме ние со градежните инспектори, да донесеме решение и да го спроведеме до крај законот. Богдановиќ истакна дека досега нема покренато кривична пријава за овој случај.
За катната гаража „Никофон“, Богдановиќ рече дека има две кривични пријави за поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и Влади Мисајловски, но, како што рече, ништо не е преземено. Се предвидува таму да остане паркинг и да се зголемат капацитетите за паркирање.
Градоначалникот Богдановиќ информира дека во тек се разговори со Министерството за транспорт и врски и изрази надеж дека од следната година општина Центар ќе го добие целото неизграденото државно земјиште.