Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, денеска јавно го прозва поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски. Имено, Богоев на својот Фејсбук профил објави дека очигледно го погодил Груевски во нерв, „па напиша статус со многу зборови, малку поенти и воопшто вистина“.
„Соочен со фактите дека токму ти, твојот советник Мицкоски и вашето ДПМНЕ ја доделивте концесијата за Иловица во 2012 година (во прилог слика од одлуката во Службен весник, јуни 2012г) повторно се обиде да ја манипулираш јавноста. Својствено за тебе Груевски, така владееше 11 години“, наведе Богоев.
Тој во овјавата сподели и фотографија од одлуката во Службен весник, јуни 2012г, како и старо видео од изјава на Груевски.
„Сега земи воздух Груевски, и види го и видеото во прилог, како во изборна кампања во 2016 година се фалиш дека ќе отвориш десетина рудници во југоисточниот регион. Тешко е за гледање Груевски, ама ни тогаш, ни сега, не те интересирало здравјето на граѓаните“, додава Богоев.
За крај, тој му порача на Груевски дека вистината е како шило, „a ти тоа добро го знаеш“.