Богоев–Квангхио Ko: Започна имплементацијата на системот за анализа на ризик со 4,8 милиони долари грант од Кореја

од Nikola Popovski
167 прегледи

„Системот за управување со ризици и податочен склад што ќе се имплементира со 4,8 милиони долари грант од Република Кореја ќе овозможи да се соберат повеќе приходи во Буџетот, што значи повеќе пари за болници, инфраструктурни проекти и училиштa, но значи и сузбивање на организираниот криминал”, истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев на прес-конференција на која заедно со директорот на корејска Царина, Квангхио Ко официјално го означија почетокот на имплементацијата на проектот.

Системот ќе алармира за декларации во кои се детектирани ризици за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката.

„Доколку некоја компанија 10 пати во месецот увезува редовно едни производи, а само еднаш месечно се увезува различна пратка која не е типична за неа, тогаш ИТ системот што ќе се развие и имплементира со грант од Република Кореја ќе алармира за можен ризик, што треба да се провери и контролира”, вели Богоев.

Директорот на корејска Царина, Квангхио Ко, истакна дека корејската Царина ќе ги вложи сите напори за успешна реализација на проектот и за продлабочување на соработката за взаемен развој.

„Проектот е финансиран од ОДА (Канцеларија за помош за развој) на Кореја со 4,8 милиони долари и истиот е значаен бидејќи за прв пат Корејска Царина имплементира систем за е-царинење во Европскиот регион. Овој систем ќе ја зголеми работната ефикасност и ќе ја олесни логистиката во Северна Македонија преку интегрирано информатичко управување со ресурси и ризици. Очекуваме дека тоа ќе придонесе кон успешна интеграција на земјата во ЕУ”, потенцира Ко.

Слични содржини