Богоев: Нула толеранција за криминалот и корупцијата – нов систем за видео надзор се воспоставува на сите гранични премини

од Nikola Popovski
356 прегледи

Новиот систем за видео надзор и препознавање на регистарски таблички е веќе воспоставен на граничните премини Дојран, Свети Наум, Табановце, железничка станица Гевгелија и аеродромот Охрид, а во следниот период ќе се воспостави и на останатите 14 гранични премини низ државата. Дежурниот царински центар на Царинската управа од денеска располага со сите податоци кои ги вчитуваат поставените „паметни камери“ на овие гранични премини. Информациите од системот ќе се складираат во податочен склад и истите ќе се користат за напредни анализи на податоци, за анализа на ризик, како и за истрагите што ги води Управата со цел сузбивање на криминалот и корупцијата. Денеска, директорот на царинска управа Стефан Богоев и заменик директорот Муарем Асани заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Татјана Марковска специјалист за приватен сектор при Канцеларијата на Светска банка, го посетија Дежурниот царински центар и граничниот премин Дојран со цел увид на реализацијата на проектот.

„Ветив нула толеранција за криминалот и корупцијата. Ова се овозможува само со конкретни проекти кои трајно ќе го искоренат криминалот. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички во секое време информира за фреквенцијата на граничните премини, кое возило со која регистарска табличка, боја и марка на возилото влегло во државата и како се движело низ граничните премини во одреден период, но исто така алармира доколку некое лице се движи во недозволени области околу премините. Сите информации се внесуваат во податочен склад при што доколку понатаму е потребно да се извади статистика за движењето на одредено возило за кое на пример има потерница, истите информации ни се достапни веднаш“, истакна Богоев.

Министерот за транспорт и врски вели дека системот целосно ќе се имплементира годинава и оти неговата ефикасност во насока на подобрување на работата на граничниот премин е веќе видлива преку имплементацијата на системот на граничниот премин Дојран.

„Водејќи се од потребата да го забрзаме и да го зголемиме протокот на сообраќај на граничните премини, Министерството за транспорт и врски го набави овој информатички систем како дел од Проектот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Се работи за нов централизиран видео систем, кој се поставува на сите гранични премини во Република Северна Македонија. Опфаќа систем за видео надзор со 350 различни типови на дигитални камери со аналитички функции, систем за автоматско препознавање на регистарски таблици и централен систем за складирање на податоците“, потенцира Бочварски.

За реализација на системот се обезбедени средства во висина од околу еден милион евра преку Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во нашата држава, Масимилијано Паолучи посочи дека трговијата и меѓународната интеграција се од суштинско значење за економскиот раст на земјите со мал домашен пазар како Северна Македонија.

„Како што сугерира една неодамнешна студија на Светска банка, подобрувањето на трговското олеснување и ефикасноста на границите може да го зголеми националниот доход до 3% низ Западен Балкан. Преку проект за регионална трговија и транспорт во вредност од 105 милиони долари, кој ги вклучува РС Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора, целта ни е да ги поддржиме земјите-учеснички да ги намалат времето и трошоците потребно за спроведување на граничните формалности со цел подобрување на регионалната трговија. Преку проектот ќе се финансираат интервенции како на пример дигитална платформа за дозволи за извоз/увоз, надградба на граничната инфраструктура и Интелигентен транспортен систем на коридорот 10. Системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички што ќе се имплементира на сите гранични премини, почнувајќи со оној во Дојран предвидува забрзување на граничните премини за товарни возила, рационализација на трговијата за овластените економски оператори“, истакнува Паолучи.

Слични содржини