Имам чувство дека градењето доверба помеѓу Македонците и Албанците е еднонасочна улица, односно на некој начин само етничко македонските политичари се трудат да покажат некоја кооперативност, а етничко албанските политичари инсистираат на етнонационализам, вели во разговор за „Локално“, Петар Богоејски од Македонски концепт во врска со подигнујвањето на споменикот на борците на ОНА во Липково.
Според него кај Албанците се уште има убедување дека доколку некој од нив говори македонски јазик, тој е предавник.
-Интеграцијата на Албанците во македонското општество пред се треба да е нивна желба. Во тој поглед тие се веќе целосно институционално интегрирани, но далеку заостанува општествената интеграција. Се уште кај Албанците има убедување дека доколку некој Албанец говори македонски јазик, тој е предавник. Особено кај младите Албанци, што е еден загрижувачки феномен. Јас ова прашање го сметам за вистинска провокација, а не било кој споменик, појаснува Богоејски.
На прашањето на кого му одговара најмногу ова „монументално здание“ од 20 метри токму во овој период и за тоа каква порака испраќа ДУИ со него, според првиот човек на Македонски концепт, темата ОНА е тема на ДУИ, за која нема зошто да се дискутира.
-Проблем е што и после 20 години од војната, немаме взаемно прифатлива дефиниција што се случи во Македонија во 2001 година. Доаѓа време тоа да влезе во историјата, а немаме компромис како тоа ќе се направи. Не сметам дека е во право Ахмети со тврдењето дека ОНА ја внесе Македонија во НАТО. Напротив, настаните во 2001 година ја оддалечија Македонија од НАТО и ЕУ, а земјата поради тоа изгуби златни години кога можеше да се интегрира, без бугарските забелешки.Токму дејствијата на ОНА ја забавија македонската евроинтеграција и за тоа не смее да има никаква дилема освен осуда во историските читанки. Јас повикувам на отворање на општествена дискусија за дефинирање на војната од 2001 година и редно е со тоа да завршиме, подвлекува политичарот.
За тоа дали овој потег, можеби, се прави за да се предизвикаат етнички тензии во клучниот за нас период кој претстои во однос на евроинтеграциите, Богоејски, смета дека нема основ за тоа, бидејќи ДУИ има интерес и Албанија да започне преговори со ЕУ, заедно со Србија.
-Од тука нема логика зошто би се обидувале да направат нешто што би го попречило тој процес. Станува збор за лош етно национализам кој го практикува раководството на партијата, како би зачувале поддршка кај радикални елементи во земјава. Чист неумешен прагматизам за политички потреби од внатрешен карактер, вели тој.
Според него одлуката на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој најави изградба на споменик на бранителите е исправна и тој, како што вели Богојески е во право да гради што сака бидејќи тоа е негова должност како градоначалник.
-Максим е социјалист, а не националист. Градење на споменици на македонските херои, Маченици на нацијата, нашите славни Бранители од 2001 година и оние од Диво Насеље е негова одлука. Јас би се погрижил за реалниот човек, за семејствата на нашите Маченици, наместо да градам споменик, ама граѓаните го избраа Максим за градоначалник и тој ќе одлучи., потенцира тој.
Богојески смета дека концептот “Едно општество за сите“ е хибрид, кој може да донесе војна во земјава.
-Не, ова е едно општество за никој. Најмалку за сите. Ова е таков хибрид, кој може да донесе војна во земјава. Заев тоа општество го рабира како племенско делење на пленот од власта со Албанците. Тоа е грозно. За мене целосно неприфатливо. Едно општество е сериозна работа, која заевистите не ја разбираат. ДУИ никогаш не биле за едно општество, туку за „освојување“ на институции од страна на етнички Албанци, како тоа да е нешто кое не им припаѓа, па на сила го освојуваат. За мене неприфатливо. Ние се залагаме за држава / институции на граѓаните, без разлика од која етника заедница се, па така ќе го сузбиеме ова племенско поведение за „освојување“ на институции. Тие се граѓански, на сите граѓани и доколку добиеме доверба од граѓаните, ние тоа племенско организирање ќе го искорениме во 21ви век., вели тој.
Б.М.