Богојески: Итно расформирање на длабоко криминализираното и декадентно МВР

од Берта Китинска
230 прегледи

„Не сум сигурен дали во целост ја разбираме димензијата на скандалот со МК пасошите?!? Тие се дел од ЕУ системот, поради што добивме визна либерализација!Фалсификување на идентитет и доделување на МК пасоши на белосветски преваранти, не само што ќе не затвори во нов визен режим, туку докажува дека не сме способни да преговараме за членство со ЕУ! Им ги потврдивме аргументите на нашите душмани!“, вели промоторот на Македонскиот концепт, Петар Богојески.

Според него, треба да се отвори истражна постапка за поранешните министри Гордана Јанкулоска, Митко Чавков и за актуелниот Оливер Спасовски, и нивна суспензија од било какво влијание врз Министерство за внатрешни работи.

– Истражната постапка во земјава и странство да ја води ЕУРОПОЛ, без учество на криминализирани структури на МВР, кои всушност треба самите на себе да си прават контрола за криминалот кои сами го организирале, смета Богојески.

Бара итно расформирање на, според него, „длабоко криминализираното и декадентно МВР“ во повеќе Агенции и Директорати кои ќе ги преземат овластувањата од таа област, меѓусебно ќе се контролираат и ќе обезбедат професионално извршување на одговорноста за која се надлежни.

– ЕУ во Македонија да извести за одлучноста на Влада на Република Македонија да расчисти со криминалот во МВР (Министерство за организирање на криминал), ама оваа пустава наша Влада да покаже таква одлучност сега и веднаш без одлагање! Да појасни дека ќе биде голема неправда да се казнат сите чесни граѓани поради грешките на малкумина криминалци кои раководеле со системот за издавање на пасоши!

Во иднина македонски пасоши да се издаваат под строга супервизија на Интерпол и Еурополо, со цел да ни помогнат да се избориме со мафијата / бандитите во нашата администрација, додава меѓудругото Богојески.

Слични содржини