Вчерашната седница на која обид за смена на претседателот на Собранието, Африм Гаши предизвика препукувања меѓу власта и опозицијата. Сепак, највпечатливо беше излегувањето на пратеникот Ријад Шаќири од коалицијата ВЛЕМ. Тој преку реплика до предлагачите на интерпелацијата од редовите на Левица, меѓу другото им порача дека ќе продолжат да се молат секаде што треба и каде што сакаат, во контекст на молитвата во Собранието при одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница. Шаќири исто така се осврна и на критиките за користењето на службени возила за Гаши да оди на свадба во Косово и да игра шота. Тој рече дека шота ќе се игра и во Приштина и во Тирана и во Скопје се додека има барем еден Албанец.
Сето ова предизвика голем број реакции во јавноста, особено во опозициските редови. Иако од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаше реакција на самата седница, со свој став излезе Петар Богојески од партијата Македонски концепт, која е дел од владеачката коалиција „Твоја Македонија“. Вели дека Шаќири лично го познава и дека неговиот татко бил еден од командантите на УЧК од Липково.
-Секогаш бил надвор од редовите на ДУИ, самостојно настапуваше во разговорите со мене, што ми остави некој позитивен впечаток. Барем дека не е човек од партиските трла. Неговиот вчерашен настап на собраниската говорница, покажа дека и тој пати од истиот комплекс на криза на идентитет и има потреба да се докажува колкав голем Албанец е. Жалам за тоа, истакнува Богојески во разговор за „Локално“.
На прашањето дали со ваквиот говор се разгоруваат меѓуетничките односи, Богојески истакнува дека од коалицијата „Твоја Македонија“ се избориле ДУИ да биде опозиција, но и дека ѝ подале рака на коалицијата ВЛЕН за работите да не бидат како што биле до претходно.
-Секако не да се докажуваат со ДУИ кој е поголема учка или кој од кого е поголем Албанец. Таа замка, тој наратив им го наметна Ахмети, а коалиционите партнери за жал паднаа во неговата замка. Им понудивме помош, да се издигнат над состојбата, да ја согледаат новата општествена улога како владечка коалиција, но до сега не гледаме резултат во таа насока. Не знам за другите партнери, но во Македонски Концепт не сме задоволни од поведението на Вреди. Едноставно не можеме да забележиме што тоа вреди кај нив. Забележуваме дека немаат големи разлики со ДУИ, што не ужасува. Создаваат огромни проблеми во општеството, делуваат негативно на имиџот на нашата Влада, особено врз рејтингот на нашата партија. Најголемиот проблем е создавањето на меѓуетнички антагонизми во општеството, наведува првиот човек на Македонски концепт.
Соговорникот не верува дека Шаќири и останатите негови колеги се посебно загрижени за меѓуетничките односи.
-Тоа остана грижа само за етничките Македонци. Албанците продолжуваат да манифестираат етнички шовинизам, а по ново и верски радикализам, што секако ќе наиде на македонски одговор. И покрај предупредувањата на премиерот Мицкоски и министерот Тошкоски за сценарија на дуи со цел дестабилизација на земјава на етничка основа, сепак дел од политичарите од Вреди продолжуваат со негативна реторика. Тоа не прави да се сомневаме дека дел од нив се во тајна соработка токму со структури на ДУИ и останати од Косово, тврди Богојески.
Претседателот на Македонски концепт посчува дека Гаши има право да оди на свадба и да си игра шота, но нема право, како што вели, да шверцува ликови преку граница со службени возила и да прави каубојски испади на меѓународен аеродром.
-Секако дека има право да се помолат со Ријад заедно, но не во државна институција. Тоа не е оставштина на нивните родители, ниту пак верски храм. Особено немаат право на историски ревизионизам и промоција на албанска шовинистичка пропаганда за ослободување на Скопје, што е казниво дело согласно Одлука на Европски суд за човекови права и Комитетот на министри на Советот на Европа, дециден е Богојески, додавајќи дека Македонски концепт се става во сериозно неприфатлива позиција од поведението на ВЛЕН, а од разговори и со останатите коалициски партнери, знае дека незадоволството е изразено.
-Ние подадовме рака на Вреди да работиме на нова иднина, на економски раст и развој, на борба со криминал и корупција, особено од редовите на ДУИ. Тоа за сега не го гледаме кај нив.
Богојески не посакува новиот албански партнер во македонската влада да продолжи да се радикализира, затоа што, како што вели, брзо ќе завршат со мисијата.
-Најдобар пријател на ДУИ во моментов е поведението на функционерите на Вреди. Како да сакаат да го вратат дуи на власт, а не убедуваа дека имаат животна желба да ги уништат како партија. Не гледам резултати во таа насока. Само докажување дека тие се поголеми шовинисти и од актерите на дуи до сега. Односно, дека нема да биде како до сега, туку полошо. Доказ за тоа се заканите на Вреди кон Уставниот Суд, што е надвор од здрав разум. Тоа е тотално антиевропско поведение, а ние јасно и гласно даваме поддршка на судиите да носат правни, а не политички одлуки, кои мораме сите да ги почитуваме, ни рече соговорникот.
За тврдењето на лидерот на Левица, Димитар Апасиев дека Македонија се косовизира, Богојески вели тоа не е негова теза, туку украдена од Македонски концепт.
-Може да направите истражување и да забележите дека кампањата „ослободување од косовското ропство“ е промовирана од нас веќе две години наназад. Но во ред, Димче е познат арамија и плагијатор во политиката и ова не му е прав пат. Тој има најмалку право да зборува за тоа, кога во Собрание шири исламистичка талибанска пропаганда како јавен поддржувач на терористите од хамас и хезболах, а се клања на Енвер Хоџа. Апасиев е докажан бизнис партнер на Ахмети, за што објавивме докази, па добро е да се знае дека неговите „удари во Собрание“ се целосно усогласени со сценариото на дуи за дестабилизација на Македонија, наведува и потенцирајќи дека Македонија мора да престане да се косовизира.
-Токму за тоа ја добивме довербата од граѓаните на последните избори. Ако не престане, треба да биде спречено со сите методи. Македонски Концепт веќе работи на модели, како да ги поразиме етничките шовинизми и верски радикализми, без разлика од каде доаѓаат и да преминеме во нормално, граѓанско општество, како модерните земји во ЕУ и самите САД. Убедени сме дека можеме нормално, заклучува Богојески.
Н.П.