Лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески забележува дека од ЗНМ е објавен крајно манипулативен и тенденциозен текст како реакција за, како што вели, наводно навредени новинари од моја страна. Богојески бара ЗНМ јавно да прецизира за кои новинари станува збор, кој им доделил статус на новинари и како констатирале “навреда кон новинари”.
-Дополнително да објасни зошто не побарале изјава од мене пред било каква реакција по било која тема поврзана со мене, што е основна новинарска практика и етика! Доволно е да се извини за сторената клевета, без да има правни последици. Доколку не е прецизирано кои се “навредените новинари”, кон кого е сторено делото навреда, ќе бидам приморан за прв пат да покренам постапка за клевета против новинарско здружение и одговорни лица во истото.
Немам пракса за било какви тужби кон новинари, иако сум најклеветениот политичар во земјава, секогаш давам поддршка за слобода на говор и изразување, особено на новинарите, но овој пат веќе сум приморан да посегнам по правни механизми, стои во ставот на Богојески, пренесен од неговата партија.
Здружението на новинари на Македонија реагира на неодговорната и недолична комуникација на социјалните мрежи на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, насочена кон редакцијата на порталот Рацин.мк, нејзините новинари и уредници.
Во ставот се вели дека во демократско општество, јавните функционери имаат обврска да негуваат културен и одговорен однос со медиумите, да ја почитуваат нивната работа и да се воздржат од квалификации, дискредитации и навреди.
-Ваквиот речник, во кој новинарите се нарекуваат “измеќари” создава непријателска атмосфера за работа на новинарите и може да се протолкува како обид за притисок врз слободата на изразување и медиумската независност, стои меѓу другото во соопштението на ЗНМ.