Пилотите на авионот на Алјаска ерлајнс, кој во петокот мораше принудно да слета на аеродромот во Портланд, откако дел од трупот на авионот се откачи, претходно трипати пријавиле дека светлата кои предупредуваат за притисок во кабината на нивниот авион „Боинг 737 МАКС“ се вклучени, било откриено при истрагата за инцидентот.
Претседателката на американскиот Национален одбор за безбедност на транспортот (NTSB), Џенифер Хоменди доцна синоќа потврдила дека предупредувачкото светло за дефект на системот за автоматска контрола на притисокот се вклучило на 7 декември, 3 јануари и 4 јануари, но рече дека не е јасно дали има врска меѓу тие настани и што се случило во петокот, пренесува Ројтерс.
Таа потврдила и дека меморијата на рекордерот за разговор во пилотската кабина на авионот е исполнета до максимум. Според неа, снимачот на податоци на летот и диктафонот од пилотската кабина биле испратени, како дел од истрагата, во лабораториите на „NTSB“ , но комуникациите од пилотската кабина не биле достапни бидејќи претходните податоци не биле избришани.
„Тоа е многу хаотичен настан. Прекинувачот за CVR (снимач на глас од пилотската кабина) не беше во функција за време на летот“, изјавила Хоменди.
По овој инцидент, компанијата Алјаска ерлајнс одлучи да ги ограничи летовите на долги дестинации за да може авионот брзо да изврши итно слетување доколку е потребно.
Ниту еден од 171 патник и шест членови на екипажот на Боингот „737-9 MAКС“ на Алјаска ерлајнс не е повреден, соопшти компанијата претходно.
Делот од авионот што падна сред летот во неделата вечерта го пронашол сопственик на куќа во неговиот двор, соопшти „NTSB“.
Федералната управа за воздухопловство (ФАА) во саботата наредила привремено приземјување на 171 авион Боинг 737 МАКС 9 на кои бил инсталиран ист тип на панел во кабината.
Алјаска ерлајнс тогаш објави дека откажала 170 летови вчера и уште 60 денеска, додавајќи дека откажувањата ќе продолжат во првата половина од оваа недела.