Група родители утринава ја бојкотираа наставата во ОУ „Св.Климент Охридски„ во Охрид, информира ТВ24.

Ги извадија децата од настава во знак на револт за неколкумина сменети од работа просветни работници од училиштето на кои откако им завршиле договорите, а ги исполнувале сите услови, на повторен конкурс не биле избрани да продолжат со работа. Добиле 100 % поддршка и од наставничкиот одбор, но не и нови договори. Револтирани родителите велат дека смената на наставничките лошо ќе се одрази врз нивните деца, поготово кај оние со посебни потреби, кои добивале одлична грижа и квалитетно образование со години.Родителите напоменуваат дека децата не сакаат нови наставнички и одбиваат да одат на училиште.
„Од директорката на ова училиште бараме да се повлече одлуката за промена и најважен е одговорот на прашањето, по кој критериум е избрана нова наставничка сосема спротивно на веќе донесените одлуки. Доставуваме барање до директорката да ги штити пред се нашите интереси во прилог на нашите дечиња“, вели Деспина Блажевска – родител
„Проблем е, затоа што децата веќе не сакаат да идат на училиште сакаат да се отпишат“, вели Стојанка Трајческа – родител
За да ги вратат на работа потпишаа и петиција со која од директорката на училиштето, градоначалникот на Охрид и министерката за образование ќе побараат решението за вработување на нови наставници на нивните места да се поништи, или во спротивно децата ќе бидат отпишани од училиштето.
„Веќе е половина од училишната година, децата се навикнаа и сега вакви промени не се добредојдени“, вели Јованчо Спироски – родител
„Многу сме задоволни од досегашниот логопед и дефектолог и мислам дека е штета да се загуби ваков кадар“, вели Наум Блажески – родител
Од училиштето не ги коментираат случувањата, а родителите напоменуваат дека бојкотот ќе трае се додека не се исполнат нивните барања. За настанатата ситуација известен е и просветниот инспекторат и министерката за образование.