Бојмацалиев: Вечерва или утре ќе стигнат уште 85.000 обрасци за пасоши

од Stefanija Kuzmanovska
210 прегледи

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев од Тетово најави дека вечерва или утре изутрина ќе пристигнат нови 85.000 обрасци за пасоши. Според него, системот за издавање патни исправи функционира нормално.

„Како што е информирана македонската јавност, стигнаа 50.000, па 20.000 обрасци пред некое време, пред една недела точно стигнаа 140.000 обрасци и доцна вечерва или утре сабајле стигаат 85.000 обрасци. Ја заокружуваме таа бројка од 300.000 обрасци што е сосем доволно системот да функционира нормално. Бројките се тие, фактите се тие. Обрасците стигаат, граѓаните се услужени тука и во Тетово и во Скопје, се функционира како што треба, ниту има саботажа, ниту има хаос. Имаше само лажна пропаганда и собирање на политички поени дека ќе се укине Преспански договор што ги доведе граѓаните во заблуда“, изјави Бојмацалиев.

Тој додаде дека со старите пасоши нема да може да се патува бидејќи нема да им се дозволи на граѓаните да ја напуштат државата.

„Со старите пасоши не може никаде да се патува бидејќи нема да остварите излез од државата. Бидејќи тие со законот кој е со сила на важење повеќе не се во функција, зборувам за оние со старото име. А со новите секаде може да се патува. Никој не даде ветување дека законот за продолжување на рокот ќе биде изгласан, затоа нема да се создаде никаков хаос и метеж бидејќи граѓаните знаат дека пред 2021 јули месец веќе се издаваат патни исправи со Република Северна Македонија и беше јасно кажано дека ќе важат до февруари 2024 година“, истакна дополнителниот заменик министер за внатрешни работи.

Според него, нема право никој сега да рефундира пари дадени за лични карти и возачки дозволи поради тоа што се распишани изборите. Тоа, подвлече, ќе биде можно кога ќе има нова влада.

Слични содржини