Шпанските и аргентинските медиуми пренесуваат дека Бока Јуниорс го обновила интересот за Серхио Рамос, легендарниот 38-годишен шпански дефанзивец, кој од минатото лето е без клуб.
Клубот од Буенос Аирес испрати официјална понуда, се претпоставува дека е посилна од пет милиони долари, бидејќи дефанзивецот претходно изрази неподготвеност да ја напушти Шпанија. Конечната одлука на Рамос ќе зависи од неговото семејство. Претходно тој истакна дека неговата сопруга и децата претпочитаат да останат на Пиринејскиот полуостров или барем на Стариот континент.
Сепак, со ограничени понуди од Европа, новата понуда на Бока го привлече неговото внимание. Наводно, интерес има и од бразилски Крузеиро, како и од неколку екипи од американската МЛС лига.
Од фудбалска перспектива, Серхио Рамос беше заинтригиран од предизвикот да игра во Јужна Америка, особено за Бока, клуб за кој покажа голема наклонетост во многу наврати.
Серхио Рамос вети дека ќе одговори на Бока по нова година, а одлуката се очекува на почетокот на јануари. Овој шпански ветеран се стекна со слава во Реал Мадрид, а играше и за Севиља и Пари Сен Жермен.
Бока Јуниорс сака да изгради конкурентен тим за Копа Либертадорес и Светското клупско првенство во САД.