Боки 13 бара да достави „бомби“ и транскрипти за криминал во највисоките државни структури

од Stefanija Kuzmanovska
189 прегледи

Снимки, фотографии, аудио записи, транскрипти. Ова се само дел од материјалите за кои Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека ги поседува и бара од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал да го повика за да му ги предаде.

Во новото писмо до јавноста, Боки 13 посочува дека бара да биде спроведен пред Абази, за кого наведува дека единствено му верува, со цел преку овие материјали да обелодени криминал.

Во писмото до јавноста испратено од неговиот правен тим се наведува:

„Бојан Јовановски во писмото до јавниот обвинител истакна барање за поднесување на кривини пријави на записник кои се однесуваат на лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија на лица од највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување. Со наведеното ја информираме јавноста дека започнува исклучително сериозен и сензитивен процес, дотолку повеќе што Бојан Јовановски при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите , а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи (т.н. бомби) како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител од страна на Бојан Јовановски“.

До медиумите, Јовановски преку правниот тим го испрати и писмото кое го доставил до Абази. Во него стои дека ова ќе е продолжение на пријавите кои претходно ги поднел до скопското Обвинителство.

Во соопштението се повикува јавноста да го следи процесот.

Слични содржини