Осудениот за случајот „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 ѝ пиша уште едно писмо на амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, барајќи од неа да го посети во затворот „Идризово“. Во него освен за, како што тврди, тортурата врз него, пишува и заканите што ги добива и за тоа што не се носи одлука за прекин на служењето на казната поради влошеното здравје, иако, како што вели, ја има сета потребна документација за тоа.
-Воедно во ова известување, ве информирам дека од моја страна како што веќе беше и најавено иницирана е кривично- правна операција со кодно име “Бумеранг” пред ОЈО за ГОКК Скопје и во рамки на истото е оформен предмет од страна на јавниот обвинител Ислам Абази, па во тоа име до вас испраќам барање и неприкосновена замолница за помош од ваша страна и во најкус можен рок да ме посетите вие лично или делегирано лице од ваша страна во КПУ ИДРИЗОВО, бидејќи се соочувам со сериозни закани, уцени, негативни дејствија и појави од страна на поединци кои се директно засегнати од целата оваа актуелна состојба, а истите се со реална моќ и влијание. Во име на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата земја, во име на заштита на моите основни човекови права, а сето во рамки на вашите надлежности ве молам да постапите по ова известување и по мојата изразена замолница до вас и да ме посетите во најкус можен рок, стои меѓу другото во писмото на Боки 13 до Агелер.
Јовановски потенцира дека е рамноправен граѓанин на оваа држава и дека и „за мене важат истите права и можности како и за сите други граѓани на државата, особено важно, сметам дека и за мене важи начелото на неповредливост на физичкиот и психичкиот интегритет загарантиран со Уставот на Р.С.Македонија и единствено барам законито постапување и правда“.
Ова е второ писмо на осудениот за „Рекет“ до Агелер, откако пред 15 дена исто така ја извести американската амбасада за тортура со која тврди дека се соочува.
Претходно тој најави „кривично-правната операција со кодно име „Бумеранг“ и се закани дека ќе испрати материјал и докази во бројка од 1.150.000 (еден милион и сто и педесет) фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. „бомби”.